Охрид, 9. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Нивото на водата во Охридското Езеро е за 15 сантиметри под просекот за овој период од годината.
Според последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР) водата е на кота од 693,23 м.н.в што е за 15 сантиметри под просекот за јануари (693,38 м.н.в) и 13 над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода е 9 степени.
Од почетокот на годинава езерското ниво е намалено за два сантиметри. Билјанините извори и натаму се во добра „кондиција“, откако од крајот на септември до крајот на декември од овој препознатлив симбол на Охрид периодично сосема малку или речиси воопшто не истекуваше вода.
Во Охрид денес променливо облачно време со услови за повремени врнежи од дожд попладне. Максималната температура ќе се искачи до 8. степени.
– Денес претпладне по котлините ќе има појава на магла и ниска облачност. Ќе дува умерен, долж Повардарието засилен ветер од југоисточен правец. Попладне најпрво во западните, а во текот на ноќта и во останатите делови ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег, каде што ќе се формира нова снежна покривка. Наместа врнежите ќе бидат со пообилен карактер (над 20 л/м²), особено во текот на ноќта и утре претпладне. Од утре попладне врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места. Утре и во среда ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР