Охрид, 22. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Откако повеќе од една недела водостојот на Охридското Езеро беше непроменет, на кота од 693,18 м.н.в, се бележи намалување за еден сантиметар.
Според последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР) нивото е на 11 сантиметри под просекот за октомври (693,28 м.н.в) и седум сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в).
Од почетокот на месецов нивото порасна за 4 сантиметри, а за подобрување на хидролошката состојба придонесоа врнежите од дожд што ги имаше во првата половина на месецов.
Што се однесува до температурата на езерската вода, денес се измерени 14,5 степени, што е за 2,3 степени под октомврискиот просек.
Во Охрид денес сончево време со мала до умерена, а кон крајот на денот со зголемена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец, поизразен во западните делови.
Mаксималната температура во Охрид ќе се искачи до 18. степени.
– И во сабота ќе се задржи релативно топло време, по котлините и речните долини ќе има појава на утринска магла и ниска облачност. Во попладневните часови ќе има повремен дожд претежно во северните делови, а слаб локален дожд ќе има и во недела претпладне. За време на викендот ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер, а дневната температура од недела ќе биде пониска, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/ УХМР