Охрид, 30. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Водостојот на Охридското Езеро е само два сантиметри над дозволениот минимум (693,10 м.н.в).
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), езерото е на кота од 693,12 м.н.в, што е за 21 сантиметар под просекот за септември (693,33 м.н.в). Од почетокот на месецов, водостојот е намален за цели 13 сантиметри.
Ваквата состојба трае веќе подолг период и пред сé се должи на долгиот сушен период, без врнежи од дожд. На почетокот на август котата на езерото беше на 693,42 м.н.в, од кога и бележи константно намалување. Кон средината на месецов падна на природната кота, за сег да е на два сантиметри над минимумот.
Температурата на езерската вода е 19 степени и е за 1,9 степени пониска од просекот за септември.
Во 2017 година езерското ниво се соочуваше со ваква слична состојба на низок водостој, за во 2018 година состојбата да биде дијаметрално спротивна, водостојот на езерото беше драстично повисок од дозволениот максиум (693,75 м.н.в.) кога достигна ниво и од 694,03 м.н.в. Минатата година во ноември водостојот беше на 693,10 м.н.в, а речиси пола декември беше на еден сантиметар под минимално дозволеното ниво.
Во Охрид денес претежно облачно време со повремени сончеви периоди. Mаксималната температура во Охрид ќе се искачи до 19. степени.
– Утре претпладне ќе има повремен локален дожд со послаб интензитет, а попладне ќе настапи постепено стабилизирање на времето. За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе преовладува сончево време со умерена облачност, а дневните температури ќе бидат во постепен пораст, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото:ОхридПрес/УХМР