Охрид, 9. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Нивото на водата во Охридското Езеро и понатаму е под просекот за овој период од годината.
Според денешните мерења нивото е на кота од 693,21 м.н.в што е за 14 сантиметри под просечното ниво за овој месец (693,35 м.н.в) и 11 сантиметри над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода, измерена утрово е 8,0 степени и е за 1,2 степени пониска од просечната.
Со надеж дека одговорните ќе преземат соодветни мерки и нема да ни се случи „Преспанизација“ на Охридското Езеро, на OhridPress продолжува рубриката „До кај сме“ каде секој ден објавуваме по една фотографија од истата локација од процесот на претворање на охридското „Островче“ во полуостров.
Во Охрид денес имавме сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура се искачи до 11. степени.
– Во петок кон крајот на денот и во деновите од викендот ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Поради спуштање на постудена воздушна маса со засилен северен ветер, во сабота врнежите постепено ќе преминуваат во снег и во повисоките, а во недела и во пониските места. Локално се очекуваат пообилни врнежи, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР