Охрид, 30. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Волонтери на охридскиот Црвен крст започна со анкетирање на охриѓани во врска со адаптирањето на улицата „Македонија“ во пешачка зона.
Граѓаните треба да се произнесат што е добро/позитивно, односно лошо/негативно на улица „Македонија“, да предложат подобрувања, како и дали Охрид ќе има придобивки од адаптирање на улицата во пешачка зона.
Инаку, општина Охрид, преку свои претставници е учесник на тренинг програмата „Овозможување локална демократија и холистички урбан развој преку SymbioCity пристап“, заедно со претставници од други седум градови од Србија, Украина и Турција.
Програмата е во организација на ICLD и SKL International од Шведска. Охридскиот тим, како урбанистички предизвик во рамки на програмата, ќе го работи проектот ,,Нови хоризонти преку унапредена пешачка зона“, кој всушност се однесува на адаптирање на улица ,,Македонија“ во пешачка зона.
Со цел успешно извршување на постапките и чекорите при изработка на проектот, согласно планираната методологија, се спроведува и Е-АНКЕТА, на која граѓаните можат да учествуваат со свои идеи. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: општина Охрид