Охрид, 21.октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – До септември годинава на двата македонски аеродроми се опслужени 1 546 705 патници, а рекордот во однос на летови е забележан во месец август.
Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Горан Јандреовски во интервју за МИА истакна дека во осмиот месец од оваа година е регистриран рекорден број од над 930 прелети на ден. По бројката од 1,5 милион патници минатата година, Јандреовски очекува годинава на скопскиот и на охридскиот аеродром да се приближиме до два милиони патници.
Со зимскиот ред на летање што стапува во сила следната недела нема драстични промени освен зголемен број од 10-тина летови кон Лондон, Базел и Малме на нискобуџетната авиокомпанија Виз Ер, која и натаму останува авиокомпанија која опслужува најголем број дестинации од македонските аеродроми.
Една од заложбите на Владата и на Министерството за транспорт и врски за развој на воздушниот сообраќај во земјава е зголемување на капацитетите на охридскиот аеродром и негово промовирање во аеродром за нискобуџетни компании кои ќе нудат летови за бројни дестинации.
Покрај летовите од Холандија, а од оваа сезона и од Полска, според најавите од ТАВ Македонија, естонскиот авиопревозник „Нордика“ ќе почне да лета на авиолинијата Талин – Охрид – Талин од следната летна сезона. Покрај тоа од ресорното министерство разговараа со претставници на авио компанијата „ОнурЕр“за можностите и условите за воспоставување на нова линија на релација Охрид-Истанбул. (Крај)
извор: ОхридПрес/МИА фото: архива