Охрид, 20. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Гостите од Винковци, Градскиот театар „Јоза Ивакиќ“ синоќа ја воодушевија охридската публика, но и одржаа одлична лекција за точност.
Имено, почетокот на претставата која се одигра на малата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“, беше најавен за 19:30 часот и навистина започна точно во овој термин. Дел од публиката си беше дојдена 15-на минути пред терминот и си имаше зафатено удобна позиција. Но, имаше и такви кои во салата влегуваа после 10-15 минути, слободно поминувајќи на самата сцена во потрага по седиште. Покрај доцнењето и овој пат имаше ѕвонење на мобилни телефони сред претстава.
Инаку, комедијата „Во бабиното гнездо“ на гостите од збратимениот град Винковци од Хрватска до солзи ја изнасмеаа публиката, која ја награди извонредната игра на Петра Кралјев, Владимир Андриќ и Бланка Барт со стоечки овации и долги аплаузи, напуштајќи го Центарот за култура со задоволство и позитивна енергија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес