Охрид, 6. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во девет градови низ Македонија, меѓу кои и Охрид, денеска, на Бадник ќе се случуваат масовни бадникови поворки, кои ќе го навестуваат Христовото раѓање.
Идејата е да се воспостави традиција на православно празнување на Бадник, со пеење на православни црковни песни. И минатата година во Охрид на Градскиот плоштад беше организирана ваква поворка.
На поворката се очекува да поминат околу 300 дечиња.
– Граѓаните покажаа голем интерес за поворката, многу беа задоволни како беше организирано минатата година. Исто така, акцент е става, да се напушта полека практиката на пеење на паганската популарна песна „Коледе леде“ и да се замени со песната „Вечниот Бог“, која е во духот на црковното пеење. Децата кои нѝ доаѓаат, кога ги прашуваме дали ја знаат песната, велат дека ја знаат од слушање. Оние кои не ја знаат, навистина се заинтересирани да ја научат целосно, вели Снежана Петреска, дел од организациониот одбор на Бадниковата поворка за Охрид.
За овој Божик вакви бадникарски поворки се предвидени во Скопје, Битола, Радовиш, Прилеп, Охрид, Тетово, Гостивар, Кичево и Ресен.
За време на поворката Ротаракт клубот „Охрид“ организира хуманитарна, Бадниковата акција со цел да се соберат средства кои ќе се искористат во хуманитарни цели.
Акцијата ќе се одржи на Градскиот плоштад во Охрид во периодот од 12:00 до 15:00 часот.
– Во рамките на акцијата, на минувачите ќе им се делат сирење и греано вино, а собраните средства ќе бидат наменети за хуманитарни цели, информираат од Ротаракт клубот „Охрид“ (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива