Баку/Охрид, 30. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во Баку, Азербејџан денес ќе започне 43-та сесија на Комитетот за културно наследство.
На овој состанок се очекува да биде донесена одлука и да биде дадена препорака за идниот статус на светското природно и културно наследство на Охрид, врз основа на забелешките од мониторинг-мисијата на УНЕСКО, која беше направена во април 2017 година.
Во последниот нацрт-извештај на Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации (УНЕСКО) препорачува природното и културното наследство на Охридскиот регион да биде ставено на листата загрозени светски наследства. Барањето на организацијата е последица на недоволниот капацитет на институциите во државата да се справат со проблемите, како и постојаните закани кон заштитеното подрачје преку големите инфраструктурни и развојни проекти. УНЕСКО констатира дека Охридскиот регион се соочува со несоодветна градба, несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот на езерото, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот.
Потоа се бара од властите да направат проценка на нелегалните градби и да се утврди нивното влијание врз заштитеното подрачје, како и уривање на сите објекти што претставуваат опасност за подрачјето, истовремено строго спроведување на законите и правилниците за спречување нови дивоградби. Она што се бара од државата е во консултација со Комитетот за светско наследство, да направи предлог за посакуваната состојба на Конзервација за отстранување на подрачјето од Листата на загрозено светско наследство и сет корективни мерки, вклучувајќи временска рамка за нивна имплементација. Тие мерки би биле разгледувани на конференцијата на Комитетот за светско наследство наредната година. Истовремено, се бара од државата до 1 февруари 2020 да достави дополнет извештај за конзервација на подрачјето за да биде прегледан од Комитетот на конференцијата во 2020 година.
УНЕСКО во извештајот со жалење констатира дека малку е направено за имплементација на приоритетните препораки на Реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО од 2017 година. Се поздравува запирањето на плановите за изградба на нов магистрален пат преку Галичица и ски-центар на планината, но сметаат дека тоа не е доволно за значително намалување на ранливоста на подрачјето. Со забележува дека државата не го информира редовно Комитетот за светско наследство за проектите и активностите што се предвидуваат и реализираат во заштитеното подрачје и дека со голема загриженост ја следат најавата за продолжување на првично зацртаната траса на железничкиот коридор осум, спротивно барањето на Комитетот за алтернативно решение надвор од заштитените подрачја. Исто така, УНЕСКО има забелешки и на трасата од автопатот А2 предвиден да ги поврзува Требеништа и Струга, со барање државата итно да пронајде друго решение за проектот.
По препораките што беа нотирани од страна на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, градоначалникот на Охрид д-р Константин Георгиески дал налог да се изработи регистар на нелегални градби за подрачјето на општината. Во оваа електронска база на податоци, охридската локална самоуправа внесе вкупно 1.076 предмети за кои, во периодот од 2006 до мај 2019 година, инспекциските служби имаат констатирано прекршувања на Законот за градење и имаат донесено акт со кој се утврдува нелегална градба. Од нив, вкупно 409 се лоцирани во заштитен појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица“ и во Стариот дел на градот. Во рамки на оваа вкупна бројка 82 предмети се однесуваат на урбана опрема, 16 се за времени објекти, 8 за плажи, 80 за куќи, апартмани и сместувачки капацитети, а останатите предмети се за помали интервенции и градежни зафати на објекти.
– Во текот на наредниот период општинските надлежни служби ќе извршат проверка и финално уредување на целокупниот регистар, по што ќе се пристапи кон поединечна ревизија за секој посебен предмет и ќе се носат одлуки за понатамошно постапување. Со изготвување на регистарот на нелегални градби, општина Охрид во рекордно време исполни дел од своите обврски, кои се произлезени од владината работна група, која постапува по препораките на УНЕСКО. Работната група го задолжи Министерството за транспорт и врски во соработка со Националниот парк „Галичица“ и општините Охрид, Струга и Дебрца да изработи регистар на нелегални градби во Охридскиот Регион и истиот да го достави до Владата најдоцна до 1-ви септември оваа година, информираат од општина Охрид.
Градоначалникот Георгиески кој ќе биде дел од официјалната владина делегација во Баки неодамна истакна дека „без оглед на конечната одлука што ќе биде донесена на сесијата во Баку, општина Охрид ќе продолжи да постапува во согласност со сите препораки на УНЕСКО и сите Законски процедури за третирање на бесправно изградени објекти“. (Крај)
извор: ОхридПрес/Независен фото: ОхридПрес