јануари 18, 2024

Охрид, 18. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во очи на утрешниот голем празник, Богојавление Водици, вчера и денес, во Битола и Охрид, се одржа дванаесеттата Меѓународна научна конференција „Охрид-Водици 2024“.

Организитор на овој голем научен собир беше Центарот за напредни истражувања од Скопје, во партнерство со „Miras“ – Социјална организација за поддршка на проучувањето на културното наследство од Баку, Азербејџан, Универзитетот „Аднан Мендерес“ од Ајдин, Турција, како и списанието „Журнал“ за глобални процеси од Мајами, Флорида, САД. Беше посветен и одржан во чест на прерано починатиот професор од Факултетот за политички науки од Белград и поранешен учесник, д-р Предраг Симиќ, голем хуманист, дипломат, автор на бројни научни трудови, докажан пријател на Македонија и Македонците. За него говореа професор Нано Ружин, Сашо Георгиески, Веле Митаноски, како и неговата сопруга, д-р Јасминка Симиќ.

На конференцијата беа презентирани, во живо и online преку 40 трудови на учесниуци од 11 земји во светот, со цело, како што беше нагласено, да се промовира „меката моќ“ што ја нуди развојот на животната средина, туризмот и негувањето и промоцијата на културното наследство кое ги зближува народите.

Ако актуелните воени дејствија во светот ни ја доловуваат „тешката моќ“, ние на оваа Меѓународна научна конференција ја промовираме „меката моќ“. Онаа која дава развој и прогрес ги решава виталните проблеми на луѓето, но и го поттикнува развојот на туризмот и богатото културно наследство на земјите. Угледниот професор, д-р Салваторе Констанца од Универзитетот во Атина, Грција, по потекло од Сицилија, Италија, на одличен македонски јазик, ја поздрави организацијата на Конференцијата.

– Културата е премногу важна и за меѓународниот мир, дијалог и кооперација. Пелагонискиот регион, Битола, Лерин – Флорина и Прилеп, е мост меѓу Грција и Македонија, а Охрид е мост со Албанија. Тоа е стратегиски регион за меѓународна кооперација во Западен Балкан, кажа професорот Констанца.

Во рамките на манифестацијата беше промовирана и 11-та книга од досегашните конференции.

Проф. д-р Рубин Земон, директор на Центарот за напредни истражувања, нагласи дека учесниците испратија силна порака дека во ова време, во кое сме сведоци на разорната воена моќ, треба да и се даде простор на т.н. мека моќ, на културата, на меѓукултурниот развој.

– Североисточно и југоисточно од нас се случуваат тешки воени судири, тоа е т.н тешка, милитантна, воена моќ. Ние сакаме да ја промовираме меката моќ, бидејќи таа во глобалниот пазар дава прогрес, размена на културите, идеите и сакаме преку Конфренцијата да пратиме порака дека во овие тешки времиња треба да завладее дипломатијата, културното наследство да се промовира, да се промовира добра животна средина. сакаме да пратиме порака дека треба постратешки, посистематски да ја застаниме кон оваа проблематика, потенцираше проф. д-р Земон.

Меѓу бројните говорници, белег оставија и професор д-р Љубомир Кеконовски на тема „Социјалната иновација како клучна алатка за одржлива транзиција од его во еко цивилизација“, д-р Нано Ружин, („Меката моќ на Руската Федерација“), д-р Емина Рустемоска („К бран на влијание – јужнокорејска мека моќна резонанца“), д-р Фатима Салифоска („Политиката на мека моќ на Турција кон Балканот“), д-р Петар Атанасов за „Локалниот национализам наспроти глобалната економија и култура“ и други. Од странските учесници на конференцијата се обратија и д-р Андреј Горохов, претседател на АНО „Лабораторија на хуманитарни проекти“, Москва, Русија, Габриел Лоренс од Бразил, Зоран Р. Виторовиќ, на тема: „Што е техничка дипломатија и зошто е суштински важна за денешното глобално општество?“ Исто така, д-р Џераса Елеева- Макоева, предавач на Дипломатска академија на Руската Федерација на тема „Меѓународната економска соработка на Катар“, д-р Арманда Хиса, од Институт за истражување на злосторствата и последиците од комунизмот, од Тирана, Албанија, „За мрачното културно наследство на комунистичката диктатура во Албанија и за современите политики за меморија“.

Учесници беа и Кароли Гаспар, од Будимпешта, Унгарија, Сандра Буљановиќ- Симоновиќ и Јелена Тричковска, Филолошки факултет, Катедра за унгарски јазик и книжевност, Универзитет во Белград, д-р Дамир Јосиповиќ, Институт за етнички студии во Љубљана, Словенија, д-р Фариз Калили, д-р Елмира Абасова, д-р Гафар Џабиев, д-р Тохфа Хусејнова, д-р Чинара Ахмадова, од Институтот за археологија и антропологија на Националната академија на науките на Азербејџан, Баку, Азербејџан, Фунда Јуксел- Озер од Турција, д-р Божица Славковиќ- Мириќ, од Институтот за понова историја на Србија, од Белград и други. (Крај)

извор: Веле Митаноски фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука