февруари 21, 2020

Скопје, 21. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – На полноќ истекува рокот за доставување ценовници за платено политичко рекламирање на медиумите за претстојните предвремени парламентарни избори закажани за 12-ти април.

Печатените медиуми и интернет-порталите се должни ценовниците да ги достават до ДИК, Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), а телевизиите и радијата до АВМУ, ДИК, ДЗР и ДКСК.

Ценовниците не смеат да се менуваат до конечно завршување на изборниот процес, а до завршувањето на кампањата тие се должни двапати јавно да ги објават.

До 19-ти февруари на полноќ медиумите што сакаа да објавуваат платена политичка програма требаше да се регистрираат во ДИК. Од Комисијата информираат дека е голем бројот на медиумите што доставиле барање за регистрација до нив, и дека дополнително ќе биде објавена нивната бројка.

ДИК, според последните измени на Изборниот законик, на веб-страницата објави просечно постигната цена и најниска цена за платено политичко рекламирање од страна на медиумите во последните пет изборни циклуси.

Истовремено тече рокот и за пријава и увид во Избирачкиот список на македонски државјани на привремена работа или кои живеат во странство. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука