Скопје, 15. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во државата има околу 120 респираторни машини, од кои околу 90 во Скопје, напомена министерот Венко Филипче на денешната прес конференција.
Тој информираше дека е остварен состанок со директорите на клиниките на кој биле донесени повеќе одлуки.
– Целиот медицински персонал во јавен и приватен сектор се мобилизира и се става на располагање, согласно нашиот оперативен план за делување. Благодарност до сите приватни болници кои од минатата недела ги ставија на располагање сите капацитети, вклучително близу 70 легла со респираторни машини за оваа патологија, изјави Филипче.
Клиниките, нагласи тој, нема да го оддржуваат редовните утринските и стручни колегиуми – ќе се координираат телефонски.
– Се одложуваат сите хронични пациенти, на кои може да се одложи интервенцијата. Се третираат само итните и малигни случаи каде што нема простор за одложување, изјави Филипче.
Назначен е координатор на службата за инфективни болести во Дебар што во следниот час ќе се упати таму и ќе ја организира работата со петте пациенти кои се таму и дополнително ќе ја организира работата на тимот што е веќе таму.
Детската клиника во Козле, посочи Филипче, ќе се подготви за примање на деца евентуално заболени од коронавирус.
– Сите сега хоспитализирани пациенти ќе бидат префрлени на лекување на Клиниката за педијатрија со цел децата да бидат изолирани од возрасните и другите деца кои се лечат од друга патологија, изјави Филипче. (Крај)
извор: МИА фото: архива