јули 18, 2019

Охрид, 18. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во Куќата на Уранија – МАНУ во Охрид, синоќа беше свечено отворена изложбата на Мајкл Клос, канадски и светски уметник со македонско потекло.

– Светски, а наш, Мајкл Клос ги завреднил најпозитивните оценки на светските ликовни познавачи и сликари. Во оваа прилика, сакам да потсетам на оценките од двајца колеги на Клос, исто така ликовни уметници со меѓународно реноме, а охриѓани. Покојниот, Вангел Наумоски, пред да замине во вечноста, за Клос се произнесе: „Од Клос зрачи Македонија. Дали се тоа фрески, или не, јас не знам, но знам дека е тоа врвот на модерното“. Академскиот сликар, нашиот Славко Упевче, ќе додаде: „Од Клос извира ведрина со нагласено чувство на естетика. Чинот на уметничкото создавање тој го постигнува со експресијата на боите“, рече на отворањето градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески.

Тој потсети дека неговиот претходник, починатиот градоначалник, проф. д-р Јован Стојаноски, ја прифати, а тој со задоволство ќе ја реализира определбата на Мајкл Клос и неговата животна и уметничка друшка Менка Клос, овде, во Охрид, да го пренесат уметничко создавање, во форма на продажна галерија, од која ќе произлезат средства за стипендирање на еден студент.

– Вашата хумана идеја, јас ја продолжив со ентузијазам и признателност и таа ќе биде реализирана. Истовремено, сакам да ви се заблагодарам јавно, што вашата приватна архива, е веќе трајна сопственост на Охрид и Македонија. Депонирана во Подрачната единица на Архивот во Охрид, таа ќе биде систематски обработена, регистрирана по сите стандарди и ќе остане на увид на идните генерации, со сите оригинални документи, дневникот што сте го воделе во три книги, слајдови, каталози, писма до светски лидери со кои сте лобирале за признавањето на Република Македонија под уставното име, за колекцијата цртежи и слики на платно, рече охридскиот градоначалник.

Image may contain: 11 people, including Bogdanka Bo Kuzeska - Milovanovski, people standing and indoor

За ликовното создавање и богатиот сликарски опус на Клос говореше академскиот сликар Славко Упевче.

Тој посебно ја нагласи естетската експресија на Клос, богатиот колорит, ведрината и оптимистичките пораки, така потребни во ова време и на овој простор. Упевче, кој, истовремено во соседниот објект – Куѓата на Робевци, излага ретроспектива по повод половина век уметничко создавање, на Клос му ја подари колор Монографијата, посветена на личниот јубилеј.

Изложбата е дел од „Научната и уметничка визита – Охрид 2019“ на МАНУ и ќе трае до 24-ти јули. (Крај)

извор: Веле Митаноски фото: Веле Митаноски

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука