Охрид, 30. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – По повод празникот Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија, православните верници од Охрид, денеска традиционално ќе се соберат на црковно народен собир пред црквата во туристичката населба „Лагадин“.
Според најавите на организаторите, богослужбата ќе започне во 13:00 часот.
Охриѓанецот Љупчо Патче ја изгради црквата во Лагадин по повод 2000 години од христијанството. Секоја година на овој ден, верниците палат свеќи оддавајќи почит кон четирите маченички и молејќи се за здравје и благосостојба на нивните блиски.
Трите сестри Љубов, Вера и Надеж и нивната мајка Софија заради својата вера и љубов кон Христа биле погубени. Тие живееле во првата половина на вториот век по Христос за време на владеењето на императорот Хадријан. Во овој период врз христијаните биле вршени големи прогони. Таа судбина ги снашло и Софија и нејзините три ќерки Љубов, Вера и Надеж. Биле измачувани затоа што одбиле да принесат жртви пред идолот на Артемида. Трите сестри биле измачувани пред очите на нивната мајка за потоа да им бидат отсечени главите.
Мајката Софија ги погребала телата на своите три ќерки и откако поминала три дена и ноќи во молитви над нивниот гроб, го предала својот дух на Бога. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива