Скопје, 19. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Бројката на заболени од корона висрусот во Македонија се искачи на 42. Само во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 11 нови случаи.
– Во рамките на процесот за ран скрининг на заболени од коронавирус кој започна во неколку општини, направени се 30 тестови со поширока индикација и дополнителни 8 кои пристигнаа преку Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
Од 38 тестирани, позитивни на коронавирус се 7 лица, 3 од Дебар и 4 од Скопје. Состојбата на сите пациенти е стабилна. Двајца од заболените имаат средно изразена пневмонија, нашиша на својот профил на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.
Денес се очекуваат резултатите уште од 22 тестови кои се правени во рамки на скринингот.
Претседателот на Македонија Стево Пендаровски вчера прогласи вонредна состојба во траење од 30 дена на територијата на цела држава.
– Пред истекот на овие 30 дена, очекувам детален извештај од Владата за дотогаш преземените мерки и за евентуално продолжување на состојбата за нови 30 дена. Сите институции дневно да информираат за сите активности. Лидерите на најголемите политички партии даваат поддршка за прогласување на вонредна состојба, а Владата ќе продолжи да функционира како техничка, рече Пендаровски.
На граѓаните уште еднаш им порача да останат дома и да не патуваат надвор. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива