февруари 14, 2015

Скопје, 14. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – На Косово е прогласена епидемија на туларемија, а во Македонија веќе се регистрирани три случаи на заболени од оваа болест.

Агенцијата за храна и ветеринарство апелира сопствениците на домашни животни и миленици (особено на зајаци, глувци и други глодачи), кај надлежниот ветеринар задолжително да ги пријават животните што покажуваат невообичаени симптоми на треска, слабеење, оток на жлездите, рани на кожата и други симптоми.

Туларемијата е болест опасна за луѓето, а се пренесува преку директен контакт (допир) или ракување со мртви (угинати) животни кои се инфицирани, со каснување од инфициран крлеж, коњска мува или друг инсект, преку контаминирана храна и вода или со вдишување – преку инхалација со инфицирани аеросоли со бактеријата која предизвикува туларемија. Носители на оваа болест се стаорците (глодачи), зајаци, но и други диви и домашни животни.

Првите симптоми кај луѓето кои вообичаено настапуваат за три до пет дена се ненадејна треска и грозница, отечени и болни жлезди, главоболка, повраќање и дијареа, болки во мускулите и зглобовите, сува кашлица, малаксаност. Може да се јават и рани по кожата и устата, воспалено грло, отеченост и болка на очите или на жлездите на вратот како и под пазувните жлезди.

Во подоцнежните фази болеста може да премине во пневмонија, проследена со недостаток на здив, дишење проследено со болка во градите и искашлување на крвав исцедок. Туларемијата не се пренесува од човек на човек.

Бактеријата предизвикувач на туларемија може да опстане во почвата, водата или во угинатите животни и по неколку недели.

За заштита се препорачува спречување на касањето на инсектите со употреба на средства против инсекти. Се препорачува и често миење на рацете со сапун и топла вода особено по манипулација со угинати животни, консумација само на добро термички обработена храна и употреба на чиста, хигиенски исправна вода од проверен извор.

Согласно со годишната наредба за здравствена заштита на животните, ловечките друштва, концесионерите на ловиштата и националните паркови се должни да ги испратат зајаците угинати во ловиштето на лабораториско испитување на болестите туларемија, хеморагична болест кај зајаците и миксоматоза. Трошоците за лабораториското испитување се на товар на Програмата за користење на средствата за здравствена заштита на животните.
Досега Агенцијата за храна и ветеринарство нема добиено известување за позитивен лабораториски наод за туларемија. (Крај)

извор: ОхридПрес/Мкд.мк фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука