Скопје, 10. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Седницата за инаугурација на Гордана Силјановска Давкова за нов претседател на Република Македонија ќе биде закажана за во недела, 12-ти мај, во 12:00 часот.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието Јован Митрески, информираат дека се чека официјалниот извештај од Државната изборна комисија (ДИК) за резултатите од изборите за нов шеф на државата, по што претседателот Митрески веднаш ќе ја закаже седницата.
Државаната изборна комисија вчера ги објави првичните официјални резултати од претседателските и парламентарните избори 2024 година. Во вториот круг на претседателските избори Гордана Силјановска Давкова освои 561.001 гласови, додека нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски 251.881 гласови.
Силјановска Давкова пред пратеничкиот состав во заминување ќе треба да положи свечена заклетва. Taa ќе биде шестиот претседател на Република Македонија и прва жена која е избрана на оваа позиција.
Што се однесува до конституирањето на новиот состав на парламентот, по завршување на сите процедури за разгледување на приговорите во ДИК, ќе биде верификуван мандатот на новиот собраниски состав. Рокот за одржување на конститутивната седница на Собранието е 20 дена по одржаните избори, а ќе ја свика претседателот на Собранието од претходниот состав. Доколку тоа не се случи во овој рок, пратениците сами ќе се состанат.
Десет дена по формирање на Парламентот, претседателот на државата ќе има рок да го додели мандатот за состав на новата Влада. Тоа ќе биде партијата или коалицијата која има мнозинство на пратеници во Парламентот.
Според Уставот, мандатарот ќе има 20 дена рок да поднесе програма и да предложи состав на новата Влада, за која ќе има собраниска расправа и гласање во Парламентот. Според тоа се очекува Македонија да добие нова Влада најдоцна до почетокот на јуни. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива