Охрид/Скопје, 4. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во модуларната болница во Охрид од COVID-19 се лекуваат 10, а во струшката 15 пациенти, информира министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција.
Периодов, за среќа, бил забележителен пад на бројката на хоспитализации. Бројките на новозаболени и натаму се на едно плато, со речиси ист број на дневна основа. Засега нови анти ковид рестрикции не се планираат, поради тоа што сегашниот број на пациенти не ги оптоварува болниците.
Моментално во Охрид има 585 активни случаи на вирусот и сме на четврто место на државно ниво. За време на третиот бран, пикот достигна и над 110 хоспитализирани пациенти и драстично зголемен број прегледи, но сега, во четвртиот бран бројките на пациенти кои се лекуваат во болнички услови се далеку помали. Отсуството на оптоварување на болничките капацитети се должи на високиот процент на имунизирано население. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес