Охрид, 17. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во Охрид нема опасност од епидемија на туларемија. Редовно се дератизираат и шахтите во градот.
Регионалниот центар за јавно здравје уште во септември минатата година ја спроведе дератизацијата со парафински отров.
Оттаму информираат дека од вкупно шест илјади шахти, три илјади биле дератизирани во 2013 година, а остатокот биле соодветно истретирани минатата есен. Дератизацијата на просториите во училиштата, градинката и факултетите во Охрид заврши пред почетокот на учебната година.
– Доколку има потреба заради поплавите што настанаа во текот на изминатиот период, тогаш постапката ќе ја примениме и на земјоделските површини, велат од Центарот за јавно здравје.
Од оваа јавна здравствена установа додаваат дека првите знаци на туларемијата се треска, отоци на жлездите, главоболка, дијареја и повраќање, малаксаност, сува кашлица, како и болки во зглобовите и мускулите.
Бактеријата што предивизкува туларемија може да се најде во почвата, во водата или пак во пцовисаните животни. Лекувањето е со антибиотици.
Туларемијата се пренесува преку директен контакт (допир) или ракување со угинати животни кои се инфицирани, со каснување од инфициран крлеж, коњска мува или друг инсект, преку контаминирана храна и вода или со вдишување – преку инхалација со инфицирани аеросоли со бактеријата која предизвикува туларемија.Таа не се пренесува од човек на човек.
Агенцијата за храна и ветеринарство апелира сопствениците на домашни животни и миленици (особено на зајаци, глувци и други глодари), кај надлежниот ветеринар задолжително да ги пријават животните кои покажуваат невообичаени симптоми на треска, слабеење, оток на жлездите, рани на кожата и други симптоми заради спречување на евентуално пренесување на болеста туларемија, од која кај нас се регистрирани три заболени случаи, а во соседно Косово е прогласена епидемија.
Пред неколку дена во Скопје беа регистрирани три случаи на туларемија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива