Охрид, 5.март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Водениот бран што го зафати ноќеска Охрид не предизвика проблеми, информираат од Центарот за управување со кризи.
Во текот на ноќта во Охрид наврнаа 13 литри на метар квадратен. Во Центарот за управување со кризи во текот на изминатата ноќ не пристигнале никакви поплаки од страна на граѓаните.
Од денеска, Македонија е под нова циклонска активност која ќе услови врнежливо време. Значителна количина на дожд се очекува во западниот регион, локално и над 30 литри на квадратен метар. Врнежливо ќе биде и во останатиот дел од земјата, а во просек можеме да очекуваме околу 20 литри наврнат воден талог за 24 часа. На планините, на височина над 1400 метри, се очекува нов снег. Позначителна нова снежна покривка може да се очекува на планините во западниот регион.
Во текот на денот ќе дува умерен, а локално и засилен ветер од југоисточен правец коj во текот на вечерта ќе го смени правецот во северен и ќе услови значително пониски температури.
Во ноќта кон петок, локално, на повисоките населени места во северниот и западниот регион, врнежите од дожд постепено ќе преминуваат во снег и дожд мешан со снег. Во текот на денот врнежите ќе продолжат, но со значително помал интензитет во однос наденешниот ден. Утре претпладне ќе биде поврнежливо во однос на попладневните часови.
Минималната температура низ котлините во петок ќе има вредност малку над 0°С. Максималната температура ќе биде во дијапазонот од 6°С до 9°С низ котлините, а на повисоките места таа ќе има вредност околу 2°С.
В сабота ќе преовладува во претежно облачно време со повремени и локални врнежи кои на повисоките места ќе бидат од снег.Во недела ќе започне периодот на стабилизација на времето. Облачноста значително ќе се намали. (Крај)
извор:ОхридПрес фото:архива