Охрид, 26. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Денеска во Охрид беше промовирана новата суверенистичка платформа „Македонска независна листа“, која со свои листи на пратеници ќе излезе на претстојните предвремени парламентарни избори закажани за 12-ти април.
Во оваа платформа се обединети македонски движења, партии, независни граѓански здруженија, компании и земјоделски стопанства, како и голем дел од македонската дијаспора.
Идејата за ресетирање на Република Македонија, враќање на нејзиниот суверинитет, интегритет и дигнитет во рамки на своето постоење, а воедно враќање на угледот кај соседите и светот кој некој со години го рушеше е она што нé обедини, рече на промоцијата Горан Тасковски.
– Нам ни треба Македонија, на Македонија сме и потребни ние! Ова е мотото под кое иницијативата за Македонија односно „Македонска независна листа“ односно Македонскиот народ ќе ја води својата борба во претстојниот период и потоа. Прва и основна задача на сите нас е Република Македонија како стабилна и перспективна целина во сите нејзини општествени сегменити, пред сé македонските национални интереси, социјала, економија, образование, здравство преку реални проекти и решенија. Целта ни е држава со побогати граѓани со кои нема да може да се манипулира и уценува. Да се ослободиме од постојниот концепт, а со нашето делување да воведеме систем за кој граѓаните преку своите листи со свои избрани кандидати ќе кажат како треба да се управува. Секако тука се и македонските национални интереси, заедно со стопанството, истакна Тасковски.
Нивниот концепт на народот ќе му понуди враќање на државата во негови раце, враќање на името и знамето на државата, окончување на вештачката творба „Северна Македонија“, враќање на првиот меѓународно признаен устав на државата од 1991 година со негово референдумско дополнување, раскинување на сите досегашни штетни договори.
Програмата нуди решенија засновани врз иновации за раст и излегување од сите кризи. Никола Танчевски го претстави акцискиот план „Ера Трета“ и потенцира дека дел од нивните проекти веќе се спроведени во практика како пилот проекти и се покажале функционални.
– Концептот е чисто заснован на функционални иновативни производи и системи кои имаат директно позитивно влијание врз населението. Предвидуваме социо-економски системи што ќе ја удвојат вредноста на денарот, преку автохтони македонски методи, со разработување и поддршка на домашните иновации, патенти. Враќање на одземениот економски суверенитет, но не преку вработувања на измислени работни места туку во реално стопанство обезбременето од трговци, накупци, прекупци. Симулациите спроведени во социо-економскиот систем на терен покажаа дека доколку се обезбеди откуп со пристојна цена и извоз на производите, тоа ќе значи нови повеќе од 300 илјади вработувања, една цела администрација која наместо да троши три ќе генерира нови шест милијарди евра годишно, додаде Танчевски.
Платформата „Македонска независна листа“ е составена од: „Движењето Бојкотирам“, „Мир“, „Беломорска партија и Егејските здруженија“, „Фаланга за Вечна Македонија“, Кординативното тело на Македонците во Европа, Македонското иселеништво преку Кординативното тело на македонците во светот, црковни општини во дијаспората, преку 120 други независни граѓански здруженија, стотици компании и земјоделски стопанства и илјадници поединци.
– Овој пат симболично го почнуваме од Охрид, градот со седум милениумска историја, градот на Македонската писменост, градот под Самоиловата крепост, градот на Прличев и Узунов, градот каде што секое камче е жиг на нашиот Македонски национален идентитет. Бог и Македонија е се што ни треба! Друго се сами ќе створиме. Македонскате Независни Листи се Македонскиот народ. На 12-ти aприл македонскиот народ одлучува каква Македонија и каква иднина ќе имаме, истакна Наташа Спасеска.
Деновиве ќе започнат со собирање на потписи за нивните пратенички листи во шесте изборни единици, за кои велат дека се произлезени од граѓаните. Се надеваат на гласови од оние кои нема да поддржат ни една од поголемите партии во земјава, како и од разочарани граѓани. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес