Охрид, 7. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во културно-информативниот центар „Култура 365“ во Охрид, поети и љубители на поезијата од Охрид, Вевчани, Битола и Скопје денес ja одбележаа 117-годишнината од раѓањето на холандскиот писател и новинар А. ден Долард.
На почетокот од традиционалната манифестација, којашто се одржува секоја година под наслов „Поетите во чест на А. ден Долард“, беседа за холандскиот пријател и промотор на Македонија одржа охридскиот писател и истражувач Мишо Јузмески. Во своето излагање, Јузмески зборуваше за животот и делото на А. ден Долард, при што посебен акцент беше ставен на значењето на книгите „Ориент Експрес“ и „Свадбата на седумте Цигани“ во развојот на врските помеѓу Холанѓаните и Македонците.
Потоа следуваше поетското читање при што присутните поети пред своите колеги и другите посетители се претставија со делови од своето творештво. Со свои стихови се претставија Славе Ѓорѓо Димоски, Тоде Илиевски, Смиле Наумоски Брсјак, Анастас Ќушкоски, Мирко Томовски, Виолета Сековска, Пере Ристески, Митре Мангоски Радождански, Марина Шокева, Габриела Мајсторовиќ, Ленче Ристеска, Маја Мојсова, Трифун Ѓорѓиески, Димче Донески, Петко Шипинкароски и Стела Маја Босилкоска. (Крај)
извор: Мишо Јузмески фото: Мишо Јузмески