Охрид, 25. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денес во Охрид ќе се одржува обука на полициски службеници од СВР Охрид и претставници на локалната самоуправа за унапредување на сообраќајот на патиштата.
Целта на обуката е унапредување на нивните знаења, вештини и компетенции за постапување кон унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата преку правилно прибирање и обработка на податоците за сообраќајни незгоди во соодветниот регион, анализа и утврдување на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат полициските службеници во своето дејствување во унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, оценка на состојбите и успехот на работење на сообраќајната полиција и мерки за намалување на бројот на сообраќајните незгоди.
На тема „Вовед во значењето на безбедноста на сообраќајот на патиштата и улогата на Републичкиот совет за безбедност и на Министерството за внатрешни работи и нејзино подобрување“, излагачи ќе бидат м-р Стојче Стаменковски, м-р Ристо Манчев и доц.д-р Зоран Јошевски од Републичкиот совет за безбедност. Пред учесниците на дводневната обука, проф.д-р Миле Димитровски ќе зборува на тема „Цели на Втората национална стратегија на Република Македонија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата 2015 – 2020 и мерки и активности за нејзина имплементација“ а Доцент д-р Оливер Андонов, ќе се осврне на темата „Улогата на полицијата во локалната заедница за подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата“.
Дводневната обука ќе ја следат дваесеттина претставници од СВР Охрид како и претседателите на општинските организации на советите за безбедност од неколку општини во регионов. Дводневната обука ќе започне денес во одморалиштето на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија во населбата „Св.Стефан“ со почеток во 11 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива