Охрид, 26. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – На иницијатива на група вљубеници во Охрид, охриѓани, но и граѓани од други градови во земјата, како и од македонската дијаспора и светот, во Охрид е формирано и почна да делува Здружението на граѓани „Совест“.
Иницијаторите велат дека се обединиле во формална асоцијација со цел, директно, преку своите специјалности, но и преку институциите на системот, како што велат, да бдеат 24 часа над сите градежни и инфраструиктурни зафати во Охрид – градот на УНЕСКО.
Програмските цели на Здружението наскоро ќе ги обнародат, преку посебна прес конференција.
– Преку новинарите и медиумите, сакаме да ја запозмнаеме пошироката јавност со конкретните зафати на Здружението, кои ќе се одвиваат, првенствено, во прилог на зачувување на патронатот на УНЕСКО над Охрид, како заштитетно природно и клултурно наследство. Пред се`, во поглед на почитување на пропишаната законска регулатива при изведбата на нови градби, како и при адаптацијата и конзервацијата, која и според наодите на реактивната мисија на УНЕСКО, е ранлива, доколку приоритетните препораки не се имплементираат во целост, велат иницијаторите.
Здружението „Совест“ од Охрид, наскоро, ќе ги обелодени и своите форми на соработка и поддршка на иницијативите на невладиниот сектор, посебно на еколошките асоцијации, потоа на Владата и конкретно Министерството за култура, како и на пратеничката „Неформална група – пријатели на Охрид под УНЕСКО“, во Собранието на Република Македонија.
Од Здружението нагласуваат дека се тие непартиска, наднационална и непрофитна асоцијација, составено од стручни лица: инженери, архитекти, правници, екологисти, лекари, археолози, етнолози и други специјалисти, од Охрид, Република Македонија и светот, кои ги обединува заедничката цел да придонесат во зачувувањето на oхридскиот регион, како наше, а светско природно и културно наследство.
– Над 7.000 граѓани од 13 градови во Македонија, побараа имплементација на Законот за управување со Охридскиот регион и стопирање на штетните инфраструктурни планови во заштитеното подрачје. Наше е да им се придружиме, велат иницијаторите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес