Охрид, 18. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Хуманитарна акција за донирање помош за студентите кои прогласија автономна зона на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе се одржи денеска во Охрид.
Акцијата ќе се одвива во времето од 16:00 до 17:00 часот пред Универзитетот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, а граѓаните ќе можат да донираат зеленчук, млечни производи, леб, кафе, вода, како и други сресдства кои им се потребни на студентите кои ги окупираа факултетите на државните универзитети.
Собирањето помош за студентите е во организација на мајки на студенти кои ги охрабруваат своите деца и сите студенти да истраат во нивната борба за автономија на универзитетите.
Во прилог на денешната акција, една од мајките испрати писмо до свoјот син-студент кое го пренесуваме во целост:
„Денес, мајка,ти спремам пакет.
Содржината внатре, ја знаеш однапред, ништо поразлична од друг пат.Имаш малку пари, некоја тегла со ајвар, тегла слатко, некоја кифла и нешто овошје. Да ти се најде нешто да каснеш, да не бидеш гладно пиле мое.
Додека го спремам пакетов милионмисли ме измачуваат, мозокот ми го притискаат, мира не ми даваат.Но за чудо едно и покрај сета таа конфузија во главава се чувствувам гордо, достоинствено.
А знаеш ли зошто душо????
Затоа што те имам тебе! Горда сум на тебе душо моја!
Чуден е овој живот.Ми навираат спомении ме обвиткуваат како мека прекривка , и наеднаш околу срцето ми е убаво, топло. Убави, меки, нежни спомени.Те држам за твоето мало раче. Ги правиш првите чекори.Цврсто ме стискаш. Се плашиш да не те пуштам, да не паднеш. И проодуваш. Почнуваш да чекориш сам, од ден на ден се посигурен во одот свој. Те учам како се преминува улица, ти го покажувам патот од дома до училиште, те учам како да се вардиш од лоши луѓе, тебе ти е нејасно кои се тие , но сепак знаеш дека некаде ги има. Уште од тогаш те научив дека треба да разликуваш ДОБРО од ЗЛО, ПРАВДИНА треба да делиш со УМ и РАЗУМ , СИЛА да не употребуваш кон оној кој е послаб од тебе. И те пораснав, те научив и те воспитав онака како што мислев дека е најдобро.
Наоружан со љубовта што ја прими од сите нас во семејството,со знаењето што го стекна во училиштето, со спомените од топлиот дом во кој порасна, замина на факултет. Е , тогаш душо моја, ти ја пуштив раката и те оставив сам да чекориш по патеките на лавиринтот кој се нарекува живот. Ти реков дека секогаш сум тука за тебе, затоа што јас сум твојата мајка.
Чуден вител те пресретна на патот твој. Вител силен, голем, брз, кој за миг сакаше да ми те потисне на дното, да ми ти избрише се што ти кажав, да ми те слее во него самиот. Но , ти чедо мое, гордост моја , не се предаваш. Се бориш со вителот и еве излегуваш на површина. Веќе си ми бајаги истоштен, физички изморен но , духовно си се уште силен. И не само тоа што ти се бориш со вителот туку ми го покажуваш патот и мене , а и на другите околу мене. Оној вистинскиот пат од кој многумина скршнавме, единствениот кој води кон излез од лавиринтот. Е, токму затоа сум ГОРДА НА ТЕБЕ ЧЕДО МОЕ. Ти си мојот спас, надеж и иднина. Чедо мое, сега ти си оној кој ја држи мојата рака, кој ме води понатаму. Ти верувам душо – дека твојот пат е исправен , те следам и по тебе идам бидејќи ти си мојата иднина . И кој и да сака да се послужи со твојата добрина , само нека повели . Кој и да сака да ја искористи твојата искреност , само нека земе . Кој и да се обиде да ги изгужва твоите емоции како стара хартија , само нека се послужи . Никој од нив нема да стане подобар , затоа што душата е само твоја , а нејзе не може да ти ја земе никој . И се додека ја имаш ќе останеш човек.
На крај на писмово моли те мајка!
Не излегувај надвор со водена коса! Ќе настинеш.
Облечи дебела јакна! Ладно е!
Положи го и овој испит и биди ми здрав и жив !
Прими поздрав чедо од твојата мајка, се вели во писмото кое мајката го упатува до нејзиниот син студент како и до сите останати студенти кои прогласија автономија на УКИМ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива