Охрид, 10. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во Охрид како најзаслужни медицински сестри за изминатата 2016 година се одбрани: Менка Цветкоска, вработена во Општа болница Охрид, Анета Волканоска од Општа болница Охрид, Даниела Арнаудова од Кардиолошкиот завод, додека Олидија Крстаноска е избрана за акушерка за 2016 година, вработена во Општата болница Охрид.
Во однос на професијата, Јулија Трпковска, дипломирана медицинска сестра и Претседател на Здружението на медицински сестри и медицински работници од Охрид, потенцира дека предизвик за еден од најхуманите работни профили, е љубовта кон работата и грижата кон пациентите.
– Карактеристиките на медицинските сестри се преголемата пожртвуваност и константната грижа, која треба да ја покажуваат кон сите пациенти. Малкумина знаат вистински да ценат што значи да се биде медицинска сестра и акушерка. Основната задача на секоја медицинска сестра е што се труди секогаш да постигне што повеќе околу негата со пациентите, вели Трпковска.
Според Трпковска, паралелно со развојот на медицината, и поединецот кој се определил да ја работи оваа хумана работа, треба постојано да ги проширува своите знаења.
– Препораката е целосно вклучување во сите програми за доедукација, целосно вклопување. Без постојано пратење на сé што е ново во медицината, бидејќи како наука оди постојано напред и е пред сите други науки, не може да се има успех. Посебно, апелирам и помладите кадри на медицински сестри да одат на постојана доедукација, дополнува Трпковска.
Здружението на медицински сестри и медицински работници од Охрид и годинава ќе ја одбележи Меѓународната недела на медицинските сестри и акушерките. Од 5. до 12. мај традиционално се одбележува оваа недела со оддавање на признание на медицинските лица за нивната несебична пожртвуваност во работата.
По тој повод, на 12-ти мај во Струмица ќе се одржи доделување на дипломи на најзаслужните медицински сестри, на свеченоста на која ќе присуствуваат и медицински сестри од Охрид. Додека на 16 мај во хотелот „Панорама“ во Охрид, ќе се одржи средба на локално, општинско и државно ниво. Освен доделувањето на признанијата на најзаслужните, ќе се одликуваат и медицинските сестри со 35, 40 и 45 години работен стаж.
Темата на одбележување на Неделата на медицинските сестри и акушерки во меѓународни рамки, оваа година е „Глас што води“ (за медицинските сестри) и „Акушерките и мајките со семејствата – партнери за живот“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива