Охрид/Подгорица, 21. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во Подгорица, Црна Гора денес започна Петтата Конференција на заинтересираните страни за управување со Дримскиот басен.
Дводневната конференцијата ја отвори државниот секретар во министерството за земјоделство и рурален развој на Црна Гора, Ѓуро Жугиќ, кој потенцира дека активностите за Дримскиот басен се резултат на повеќегодишна работа, а во 2011 година во Тирана беше потпишан Меморандумот за заедничко управување со Дримскиот басен. Во име на земјата домаќин на конференцијата се обрати и Саша Радуловиќ, државен секретар во министерството за одржлив развој и туризам.
Билјана Зефиќ, директор на Управата за животна средина при македонското министерство за животна средина рече дека како држава сме вклучени во сите фази од процесот уште од почетокот во 2006 година и ја повтори нашата понатамошна поддршка кон имплементацијата на GEF и UNDP проектот и целокупниот Дримски процес. Поддршка ќе има за сливот на Дрим и за езерата, Охридско, Преспанско и Скадарско, како контрибутори во сливот.
– Сложениот систем на Дрим и проблемите кои се причинско последователни и поврзани ја бараат токму заедничката комуникација и координација. Од тој пристап се очекува да произлезе и прекуграничната дијагностичка анализа за целиот басен на Дрим. Прекуграничната дијагностичка анализа ќе биде основен документ и очекуваме истата да биде база за развивање на стратешки акционен план за сливот на кој државите ќе ги утврдат приоритетите и решенијата за нив, рече Зефиќ.
Таа потенцира дека алка која недостасува е тоа што сеуште не е подготвен план за управување со сливот на Охридското Езеро и изрази надеж дека набрзо ќе се работи и во таа насока.
Воведни обраќања имаа и Фатмир Матоши, заменик министер за животна средина на Косово, кој рече дека водите не познаваат државна граница, па ваквите конференции се пример како се соработува во насока на заштита на животната средина. Менаџирањето на водите е еден од предизвиците во процесот на ЕУ интеграција.
Димитрис Фалуцос од секретаријатот на Дрин Кор групата. Тој подвлече дека на конференцијата пред заинтересираните страни за управување со Дримскиот басен ќе биде претставена работата на Дрин Кор групата.
– Прекуграничната соработка во глобални рамки трае долго,но по прашањето на Дримскиот басен оди многу брзо. На денешната конференција ќе дискутираме за политичката рамка за управување со басенот, за природните катастрофи како поплавите. Од присутните очекуваме и идеи како населението кое живее во подрачјата што ги опфаќа басенот да се справат со поплавите, рече Фалуцос.
Денешната работа се одвива во неколку сесии кои се однесуваат на политичката и деловната рамка за управување со Дримскиот басен, преглед на активностите и резултатите, можноста за прекугранични анализи и следење на состојбите во басенот, потоа управување со ризиците од поплави, превенција и предупредување. Овој настан е во рамки на ГЕФ Дримскиот Проект, кој пак ја поддржува координираната акција за имплементација на Меморандумот за разбирање за управување со сливот на реката Дрим.
Главната цел на работењето во Дрим Корда и ГЕФ Дримскиот Проект е да се подигне управувањето надвор од суб басените во согласност со хидролошката поврзаност на Дримскиот басен. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес