Струга, 22. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на вчерашниот ден, доцна попладне, во 18:38 часот, оперативниот центар на Планинската спасителна служба (ПСС) беше алармиран од Секторот на МВР за потраги по исчезнати лица, дека во реонот на село Брчево, исчезнат е жител на Струга, на 60-годишна возраст.
Лицето е со потекло од селото, а истото претходниот ден се упатило да собира шумски плодови и се’ до 16:30 часот, според соседите од селото, не се вратил во својата викенд куќа.
– Три члена екипа од ПСС при Црвен крст Охрид и водич на куче за пребарување од здружението „Куче Спасител“ од Охрид, во координација со струшката полиција, од утрово се на терен во обид да се лоцира исчезнатото лице. Акцијата е во тек, информираат од Планинската спасителна служба.
Службите трагаат по уште едно лице кое исчезна во регионов, пред повеќе од еден месец. Станува збор за 72 годишниот Марк Јорис од Белгија, кој планинарел во реонот Охрид-Струга-Дебар. Лицето последен пат е забележано во атарот на струшкото село Лакајца, на 18-ти септември како се движи по позната патека High Trail и очекувано било да помине низ Вевчани, Охрид и НП „Галичица“, сѐ до манастирот Св. Наум, каде што завршува последната етапа од патеката. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива