ноември 20, 2024

Охрид, 20. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Под мотото „Валкаме заедно, чистиме заедно“, во сабота, на 23-ти ноември ќе се одржи еко акција во огранизација на иницијативата „Збогум Букoво“.

Предвидено е да се чисти макадамскиот пат што ги поврзува селата Велестово и Рамне.

– Добредојдени се сите, без разлика на возраста или искуството. Оваа акција е одлична прилика да се активираме, да направиме нешто добро за нашата околина, да се забавуваме во природа и да присобереме малку витамин D, велат организаторите.

– Со вас е потребно да понесете: ранец со храна и вода, облека прилагодена на временските услови, обувки за пешачење. На последниот дел од патеката, ќе го чистиме асфалтот од село Рамне до маркет „Видобишта“, каде што ќе ја завршиме нашата акција. Истата има и образовен елемент, особено за најмладите, со цел да се сврти вниманието кон проблемот со отпадот во НП „Галичица“ и да поттикне нови начини на неформално образование и активности на отворено со цел подигање на свеста за моменталниот проблем со начинот на којшто го одлагаме отпадот и потребата од оддржлив систем за управување со него којшто ќе обезбеди здрава и светла иднина за нашите деца и внуци, додаваат од „Збогум Букoво“.

Потенцираат дека акцијата не е само да се исчисти патот, туку и да поттикне размислување и да овозможи атмосфера во која ќе се предложат решенија за заштита на оваа прекрасна патека, идеална за рекреација на деца, семејства и пензионери.

Акцијата започнува во 10:00 часот, а збирно место е кај споменикот „Рис“ (кај скаличките – паднатите борци). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука