Охрид, 25. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Црвен крст Охрид ја најавува традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“, која ќе се реализира во сабота, на 28-ми септември 2024 година.
Ќе започне во 11:00 часот со „главна трка“ на младите чиј старт ќе биде од кеј „Македонија“, на потегор пред хотелот „Палас“, а цел пред Центар за култура „Григор Прличев“, каде ќе продолжат спортските, културно забавни и здравствено-едукативни содржини проследени со голем број награди.
– Учество на овој настан се обезбедува со купување на учеснички број кој чини 50 денари. Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви за акцијата, ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебрца. Секој кој ќе купи учеснички број станува потенцијален добитник на награда во големата наградна игра со преку 20 вредни награди (четиридневен престој во Суботица, тридневен престој во Ужице, викенд во Крушево, компјутерска галантерија и др.) и ќе има можност да се натпреварува во бројни спортски дисциплини: фудбал, ракомет, вртење хулахоп, влечење јаже, пикадо и друго, информираат организаторите.
Традиционален партнер на акцијата „За посреќно детство“ е Стоматолошкиот Центар „Д-р Баткоски“, кој и оваа година подготви голем број награди и изненадувања, како и бесплатни корисни совети и препораки за правилна грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните.
Продажбата на учесничките броеви е веќе во тек. Мобилните тимови на волонтери на Црвен крст Охрид ќе бидат достапни со учесничките броеви на повеќе пунктови во градот, а учесничките броеви ќе можат да се набават и во просториите на Црвен крст Охрид, на улицата „Димитар Влахов“ бр. 52. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива