Охрид, 7. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во сабота, 9-ти ноември ќе се одржи четвртиот хуманитарно-меморијален планинарски марш „Трајан Целески-Тачо“.
– После четири години од прераната смрт на нашиот „брат“ Тачо, споменот за него не бледнее. Неговата ведрина и дух сѐ уште се инспирација за многу од нас да се себенадминуваме, да помагаме. Традицијата нека се раѓа спонтано. Планинарски марш ќе има и оваа година, велат организаторите.
Маршот ќе започне во 09:00 часот во близина на неговиот дом т.е. на спортското игралиште кое неодамна во негова чест беше именувано „Трајан Целески-Тачо“.
– Патеката започнува од населба Видобишта-Манастир Свети Никола, Велгошти и назад. Истата е умерена и е во должина од 10 километри во двата правци. Водич на турата ќе биде Дејан Ангелоски, апсолутен шампион во планинско трчање кај нас и повеќекратен победник на меѓународни трки во скајранинг, додаваат организаторите.
Потсетуваат дека сите заинтересирани да понесат вода, храна како и топла облека, а малолетните лица ќе треба да се во придружба на возрасни. Секој учесник учествува на сопствена одговорност.
Доброволни прилози ќе може да се остават во хуманитарни кутии на Црвен крст Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива