Скопје/Охрид, 16. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н. во рамки на проектот “Избери страна” попладнево во Скопје организира тркалезна маса на тема “Влијанието на планираните инфраструктурни проекти врз биодиверзитетот во охридско-преспанскиот регион”.
Проектот е финансиран преку Global Green Grants Fund.
Учество ќе земат експерти од цела Македонија, а специјален гостин ќе биде проф. д-р Јос Ферхуфен, претседател на Европскиот огранок на Светското друштво на научници за блатни екосистеми. Тој ќе има свое обраќање за важноста и скапоценоста на блатните екосистеми, со посебен акцент на Студенчишкото блато.
На тркалезната маса ќе биде презентирана анализа на биодиверзитетот на регионот насловена “Охридско-преспанскиот регион на крстопат помеѓу синилото и сивилото”, која за потребите на проектот ја изработи проф. д-р Трајче Талевски.
Во анализата се проценети природните вредности на регионот, што е тоа што го прави уникатен поради што има статус на светско природно наследство, како и кои се заканите од планираните инфраструктурни проекти.
Заклучоците од тркалезната маса ќе бидат доставени до сите релевантни домашни и меѓународни институции со цел да се направат заеднички напори да се зачува интегритетот на регионот и да се спречи негово уништување. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива