октомври 26, 2019

Скопје, 26. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. денеска ќе го промовираат Прирачникот за правна самопомош и активизам во областа на животна средина.

Преку говорите на Гоце Коцевски, од Македонско здружение на млади правници и Благоја Пандовски, адвокат, на присутните на промоцијата ќе им се понуди едноставен патоказ низ навидум бескрајните и темни институционални лавиринти, ќе се охрабрат да делуваат, дури и индивидуално.

– Секој од нас има огромна моќ, а македонскиот устав и законите ги гарантираат сите наши права. Сѐ што треба е да бидеме искрени, истрајни, добро да си ги знаеме правата и секако, несебично да работиме за општо добро, порачуваат од Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.

Како што е најавено, на промоцијата ќе може да се чујат инспиративни говори на активисти, како на пример Владимир Трајановски од Охрид ЅОЅ, Горјан Јовановски, автор на апликацијата „Мој воздух“, Иво Босилков, основач на Fridays for Future Скопје, Лазар Ѓуров, Божидар Јововиќ.

– Целта на политичките елити им е да ве направат беспомошни и зависни од нив, да ве закотват во пасивност во која вие сте убедени дека не можете да постигнете ништо. А тоа не е вистина! Солидарноста, сплотеноста и искрената намера за подобро општество се рецептот за излегување од маѓепсаниот круг во кој сме заглавени со децении. Секој од нас има моќ да менува, дојдете, придружете ни се и бидете дел од позитивната промена на македонското општество, порачуваат активистите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Охрид ЅОЅ

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука