Струга, 5. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Црвениот крст од Струга отвори пункт на кој хуманите граѓани можат да донираат средства за хигиена и флаширана вода за пиење за населението кое настрада во поплавите во државава.
Адуриме Даути, секретар на Општинската организација на Црвениот крст во Струга вели дека досега е собрано мало количество помош.
-Акцијата што ја спроведуваме нема толкав одзив како онаа што ја организиравме за време на поплавите во соседна Србија, но сепак очекуваме дека наредните денови ќе се зголемува количеството помош што ќе ја донираат стружани. Тоа не значи дека досега граѓаните не донираа. Собрано е мало количество вода и средства за хигиена на нашиот пункт. Верувам дека граѓаните даваат помош и преку отворените телефонски броеви на Црвениот крст на Македонија, вели Даути.
Стружани нуделе и облека, но како што појаснува Даути, на граѓаните во поплавените подрачја најнеопходни им се водата за пиење и средствата за хигиена. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: МРТ