Струга, 17. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во Струга, Коалиција СЕГА, Европската Агенција за Младинско Информирање и Советување – Луксембург и УМКИ – Хрватска разменуваа искуства и најдобри пракси за младинското информирање во Европа и иницираа процес за воспоставување на национална структура за младинско информирање во Македонија.
Од 13 –ти март заклучно со денешниот ден во Струга се одржа средба помеѓу младински информативни работници од Македонија, Луксембург и Хрватска, како дел од проектот „Youth Information Workers fit to Youth“, кој Коалиција СЕГА го спроведува во партнерство со Европската Агенција за Младинско Информирање и Советување и УМКИ. Проектот е поддржан од Национална Агенција за Европски образовни програми и мобилност, како дел од програмата Еразмус+, Клучна Акција 2 (Стратешко партнерство во полето на млади).
На средбата беа споделени искуства и најдобри пракси за методи и техники за младинско информирање со посебен фокус на Европските трендови за онлајн информирање. Во рамките на проектот беше изготвена Анализа на потребите на младинските информативни работници во Европа, и врз основа на идентификуваните потреби се изготви Водич со најдобри пракси наменет за младинските информативни центри во Европа.
– Ова е нова ера на младинското информирање. Во Струга го инициравме процесот на собирање на најдобрите практики од работата на младинските информативни работници во Европа, и истите беа преточени во “Водич” кој ќе биде важен ресурс за Европските младински информативни работници, истакна Зоран Илиески од Коалиција СЕГА.
Претставникот на Европската Агенција за младинско информирање и советување (ERYICA) даде особен придонес во делот за насочување на планирањето за воспоставување на национална структура за младинско информирање во Македонија, пренесувајќи ги искуствата на европската мрежа за младинско информирање во која членуваат младински информативни центри од 27 земји.
– ЕРИКА е силен поддржувач на Македонија во развојот на младинското информирање. Во 2010 година, во соработка со СЕГА, го отворивме првиот Младински Информативен Центар во Прилеп по европски стандарди, а во изминатите денови работевме и на планирање за воспоставување на национална структура за младинско информирање во Македонија, објасна Имре Шимон, ЕРИКА, Луксембург.
Следејќи ги европските трендови на средбата се работеше на јакнење на капацитетите на младинските работници од информативни центри од Прилеп и Кавадарци за користење на новите технологии во насока на подобрување на информирањето на младите во Македонија.
– Младинската Информативна Работа е од суштинско значење за подобрување на животот на младите, заштита на нивните права и вклучување во општеството. Оттука, со учеството во овој проект, и на оваа обука, ги споделив праксите и искуствата на УМКИ во насока на зајакнување на капацитетите на младинските работници од Македонија. УМКИ ќе ја продолжи соработката со СЕГА за воспоставување на нови инфо центри во Македонија, кажаТамара Токиќ, УМКИ – Хрватска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива