Скопје/Охрид, 17. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во тек е пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип.
Граѓаните кои спаѓаат во петте ризични категории: лица постари од 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години ако сакаат да се заштитат од сезонскиот грип со вакцина, можат да се пријават електронски на порталот vakcinacija.mk со пополнување на пријавата. На тој начин, директно се регистрирате во системот Мој Термин.
Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, преку смс пријавените ќе добијат повратна информација за точниот датум, час и место кога треба да се вакцинираат.
За сезоната 2024/2025, министерството за здравство обезбеди 70.000 дози бесплатна четиривалентна вакцина наменета за приоритетни групи население. Дополнителни 10.000 дози на четиривалентна вакцина се обезбедени преку донација од PIVI (Partnership for Influenza Vaccine Introduction).
Вакцинацијата против сезонски грип ќе се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните подрачни единици и здравствените домови.
Покрај бесплатна и за оваа сезона се обезбедени и комерцијални вакцини за останатите граѓани кои не спаѓаат во ризичните групи, а ќе сакаат да се имунизираат против сезонски грип. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива