Охрид, 7. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Едно лице го загуби животот во тешката сообраќајна незгода што рано утрово, во 05:00 часот се случи на регионалниот пат Св. Наум – Охрид, во близина на Хидро биолошкиот завод во Охрид, информираат од СВР Охрид.
– Од здобиените повреди, на местото на настанот животот го загуби 20-годишниот Дејан Т., додека со тешки телесни повреди се здобил 25-годишниот Р.Д., двајцата од Охрид. Поради здобиените тешки повреди и сериозната здравствена состојба, Р.Д. е префрлен во на хируршкото оделение во Општата болница во Охрид каде е задржан на понатамошно лекување. На истото оделение, но со полесни повреди се наоѓа и Ж.П. (22) од Охрид, додаваат од секторот.
Сега починатиот Дејан Т., заедно со двете повредени лица, се наоѓале во патничко моторно возило марка „Опел Корса“ со охридски регистарски таблици и по регионалниот пат се движеле од Рача кон Охрид.
– Во критичниот момент, Р.Д. кој го управувал автомобилот, изгубил контрола врз возилото, излетал на десната страна надвор од коловозот, удрил во ивичник од патот а потоа и во електричен столб. Од ударот, возилото се извртело и повторно се вратило на коловозната лента, стои во официјалното соопштение од СВР Охрид.
На местото на сообраќајната незгода, извршен е увид во присуство на Јавен обвинител и полициски екипи од СВР Охрид и подигнати се траги за вештачење. За време на увидот, сообраќајот беше пренасочен и се одвиваше по една сообраќајна лента. (Крај)
извор: СВР Охрид фото: архива