Скопје/Струга, 11. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во ТИРЗ Струмица и ТИРЗ Струга ќе се градат две фотонапонски централи со вкупна моќност од близу 8MW, во рамки на јавно-приватно партнерство со турската компанија Фидес Електрик енерџи, избрана на јавен повик, информираат од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ).
Во рамки на повикот беа доставени две понуди. Една од избраната компанија, како и една од израелско – кинески конзорциум. Турската компанија ќе треба да изгради фотонапонски електроцентрали во двете зони со вкупна моќност од близу 8 MW. Согласно доставената понуда и спроведената аукција 10% од приходите остварени од производството на електричната енергија компанијата е обврзана да ги уплаќа во државниот Буџет.
– Договорот за јавно приватно партнерство се склучува на 25 години. По истекот на овој период, приватниот партнер е обврзан да ја пренесе сопственоста на фотонапонските централи на државата со 80% производствен капацитет. Земјиштето останува сопственост на државата. Приватниот партнер ќе плаќа и годишна такса за земјиштето (наем) од 40 денари за м². Со овие инвестиции, ТИРЗ има за цел да придонесе кон зајакнување на енергетските капацитети на државата, како и на забрзување на транзицијата кон економија базирана на зелена енергија што е глобален тренд. Токму пристапот до енергија од обновливи извори е барање односно приоритет за повеќето од странските компании кои работат односно имаат интерес да инвестираат во Македонија. Со фотонапонските централи директно се придонесува кон зголемување на атрактивноста за инвестирање во земјата, велат од ТИРЗ.
Додаваат дека до крајот на овој месец ќе се објави и нов повик за јавно приватно партнерство за изградба на фотонапонски централи, за која цел се определени над 40 хектари земјиште во ТИРЗ Скопје, Штип и Прилеп. Станува збор за земјиште што не е погодно за вршење на друга дејност (индустрија) односно гранични парцели кои стојат неискористени над 15 години, а кои со оваа постапка ќе се стават во функција и ќе носат значителни приходи на државата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива