Струга/Охрид, 6. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во месец февруари годинава, до надлежните јавни обвинителства поднесе кривична пријава против правно лице од Струга и правно лице од Тетово, кое сторило кривично дело на територијата на Охрид.
Кривична пријава е поднесена против правно лице од Струга и неговото одговорно лице, македонски државјанин од Струга. Осомничените, преку царинската испостава Гевгелија, пријавиле за увозно царинење разна стока со потекло од Кина. При извршениот преглед на стоката, царинските службеници открија 1.190 фазомери со ознака на заштитена трговска марка.
Кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Охрид, е поднесена против правно лице од Тетово и неговото одговорно лице, македонски државјанин од Тетово, против кои Царинската управа претходно веќе има поднесено две кривични пријави заради постоење на основано сомнение дека го сториле истото кривично дело. Во овој случај, осомничените, преку царинската испостава Охрид со една царинска декларација пријавиле за увозно царинење разна стока со потекло од Турција. При извршениот преглед на стоката, царинските службеници откриле вкупно 90 пара спортски обувки со ознаки на заштитени трговски марки. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива