Охрид, 12. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Синдикалниот одбор во АД ЕМО и капитално поврзаните друштва се уште чекори низ лавиринтот барајќи го излезот од тешката состојба во која се најдоа вработените кои со години немаат земено плати, не им се исплаќаат здравствени и пензиски придонеси и не им е регулиран статусот на вработени.
Со надеж дека новото раководство на овој некогашен индустриски гигант ќе изнајде решенија за долгогодишните проблеми со кои се соочуваат работниците, Синдикалниот одбор на 7-ми февруари годинава упатил низа барања до претседателот на Одборот на директори во компанијата, до новоизбраниот извршен директор и до управителите на ДООЕЛ-ите „Студии и проектирање“, „МОНТ“ и „Производство“.
Првото барање, како што информира претседателот на синдикалната организација на друштвото „Производство“ Миле Крстаноски, е исплата на заостанатите плати и придонеси за пензиско и инвалидско и здравствено осигурување на вработените со динамика на остварување и право на здравствена заштита.
– Исплатата на платите и придонесите не е во склад со членот 109 од Законот за работни односи. Се надминаа сите законски рамки. Исто така побаравме вработување на сите работници од ДООЕЛ-ите да бидат прераспределени во АД ЕМО заради остварување на правата од работен однос согласно законските регулативи. Третото барање се однесуваше на неисплатените плати и придонеси за 2011, 2012 и 2013 година, поточно до отворањето на стечајните постапки на поранешните ДООЕЛ-и. Побаравме да се потпише спогодба преку овластен нотар со овластен претставник на акционери кои поседуваат над 10 проценти од капиталот во акционерското друштво со која ќе бидат регулирани начинот и динамиката на исплата на заостанатите плати и приднеси, вели Крстаноски.
Од раководството на ЕМО, синдикатот побарал исплата на регрес за годишен одмор согласно законските одредби.
– Како што е познато, Владата донесе одлука за исплата на регрес за годишен одмор до крајот на годината, но и тие рокови, за жал, се пробиваат. Исто така побаравме подготовка, разгледување и потпишување на Колективен договор. Ова го бараме од причина што постоечкиот Колективен договор донесен во 2011 година е веќе неважечки. Со новиот ќе се регулираат правата како на вработените, така и на работодавачот, појаснува Крстаноски.
Во низата барања до работодавачот, синдикалците од ЕМО и капитално поврзаните друштва побарале и да им се издадат пресметки за плати во периодот од мај 2013 година односно од отворањето на стечајните постапки за ДООЕЛ-ите заклучно со јануарската плата во 2015 година.
– Минатата година успевме да го оствариме правото на вработените да им се дадат решенија за користење на годишен одмор, но и овде, членот 137 од Законот за работни односи, не се применува.Побаравме, на работникот кој со наредба работел прекувремено и во неработен ден да му се исплати надоместок зголемен за процент утврден со закон, а не како што вообичаено се практикуваше, да се врши компензација со деновите кога работникот бил упатуван на 70 проценти платено принудно отсуство, вели Крстаноски.
Тој појаснува дека од раководството на Акционерското друштво и од управителите на придружните друштва побарале на вработените кои се испраќаат на принуден 70 процентен одмор да им се издаваат решенија во кои ќе биде наведено по кој основ се упатуваат на таков вид отсуство.
– Во практика, кај нас, откако ќе се упати работникот на таков одмор, дури потоа му се дава објаснување зошто е тоа така, или пак на огласна табла се истакнуваат само списоци на вработени кои се испраќаат на 70 проценти платено принудно отсуство, потенцира Миле Крстаноски од Синдикалниот одбор на АД ЕМО и капитално поврзаните друштва.
Синдикалниот одбор му дал рок на раководството да се произнесе по сите барања најдоца до 20-ти февруари. Доколку не се преземаат соодветни активности во однос на посочените барања, како што велат првите синдикалци, ќе преземат и други активности и мерки согласно законските прописи, не исклучувајќи ја можноста, да поведат за работовачите и постапка за лична одговорност, како и кривични постапки.
– Укажуваме дека како Синдикат, стоиме на располагање за преговарање и договарање за да се најдат соодветни решенија за нашите проблеми. Во спротивно ќе се активира најавениот протест. За штрајк не можам да зборувам бидејќи штрајкот треба да се одвива претежно на работните места во фирмата. Но ние немаме можност за тоа, зашто немаме соодветни услови. Немаме превоз, а во просториите на фирмата нема струја, вода и греење, дециден е Крстаноски.
Синдикалниот одбор на оваа фирма писмено барање за помош, на 20-ти јануари годинава упатил и до градоначалникот на Охрид.
– Ова барање го упативме поради даденото ветување на градоначалникот Бакрачески дека ќе се вклучи околу изнаоѓање соодветни решенија. Вети дека ќе ни помогне да не се отужуваат неплатените сметки од страна на локалните јавни претпријатија за да можат вработените малку послободно да дишат, додава Крстаноски.
Синдикатот од ЕМО и капитално поврзаните друштва в недела ќе остварат средба и со пратеникот од Охрид Сашо Василевски, а како што велат оттаму, се уште инсистираат на средба со претседателот на Владата Никола Груевски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес