Охрид, 2. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Вработените во Општинското средно училиште „Свети Климент Охридски“ кои се членови на СОНК утрово го започнаа најавениот штрајк со кој се придружуваат кон останатите училишта во државава кои протестираат барајќи Владата односно министерството за образование и наука да ги разгледа нивните барања.
Според заменик-претседателот на синдикалната организација во училиштето Ристо Николески, околу 25 вработени во гимназијата дале поддршка на штрајкот.
– Беше панично утрово околу 07:00 часот кога дојдовме на работа, но се изненадивме кога во 07 часот и 30 минути дојдоа останатите колеги и ни дадоа поддршка. Ни се придружија околу 25 вработени, вели Николески.
Како што ни изјави утрово тој, на вчерашната седница на централата на СОНК во Скопје било одлучено, доколку надлежните не ги разгледаат нивните барања, во среда вработените во училиштата кои штрајкуваат, да протестираат пред локалните самоуправи.
– Доколку и тогаш нема исход, в петок ќе биде организиран генерален штрајк во Скопје зашто така беше одлучено на вчерашната седница на СОНК, додава Николески.
Од синдикалната организација на ОСУ „Свети Климент Охридски“ велат дека новиот директор на училиштето ја злоупотребил функцијата обидувајќи се врши притисок врз вработените.
– Одлуката за штрајк е донесена и за истото е доставено известување до директорот на училиштето. Второ, Законот за работните односи го регулира правото на штрајк во членовите 236 – 245 и во нив не е предвидено давање лични писмени изјави од страна на вработените кои имаат намера да учествуваат во штрајкот. Согласно член 236 став 5, штрајкувачкиот одбор го известува директорот за причините, местото, денот и времето на почеток на штрајкот. Со барањето лични изјави од вработените очигледно новиот директор ја злоупотребува својата функција и се обидува да врши притисок врз вработените, велат од синдикалната организација. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива