Охрид, 10. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Германската мото асоцијација „Бајкер Бруми Хилфе“ донира десет шлепери хуманитарна помош, намената за охридските болници и училишта.
Донацијата се состои во болнички кревети, ортопедски помагала, училишни маси и столици, како и останат инвентар, а дел од донацијата беше и во облека.
Благодарност за донацијата до организацијата на бајкерите „Бајкер Бруми Хилфе“ од Германија упати градоначалникот Јован Стојаноски.
– Посебна благодарност до првиот човек на здружението неврохирургот д-р. Херман Мунцел , кој е на чело на колоната на овие хумани луѓе, како и благодарност за поддршката од Германската амбасада во Македонија и Јохан Марц, германски воен аташе во Тирана, Албанија, рече Стојаноски, доделувајќи му на Мунцел посебна благодарница за оваа хуманитарна акција.
Оваа вредна донација е во рамки на балканската хуманитарна турнеја „Солидарност и интеграција во Европа“, со која бајкерите обезбедија вкупно 40 шлепери со хуманитарна помош. Освен во Охрид, 19 шлепери беа дистрибуирани во Тузла и Горажде во Босна и Херцеговина, а 11 за Призрен.
Бајкерите велат дека со нивните хуманитарни акции ги разбиваат стереотипите за „лошите момци“ од постарите филмови и докажуваат дека за нив најважни се семејството, работата и хуманитарниот активизам , па потоа моторите. Тоа го покажаа и со оваа хуманитарна акција во Охрид и затоа треба искрено да им кажеме дека сме почестени со нивното присуство во нашиот древен град и во Република Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес