Охрид, 10. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со оглед на новонастанатата состојба со ширењето на корона вирусот (Ковид-19), Ве информираме дека во ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ од Охрид, времено се ограничува прием на пациенти во амбуланта упатени со приоритетни упати, освен за пациенти со крајна итност.
– На 9-ти март 2020 година писмено е известено Министерството за здравство, како и сите матични лекари во регионот за ограничувањето на приемот на пациенти. Се молат пациентите кои имаат закажан термин преку системот „Мој Термин“ да не доаѓаат со придружници, бидејќи најстрого се забранува присуство на придружници во чекалните, амбулантите и останатите заеднички болнички простории. При влез во ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, по препорака на Министерството за здравство, пациентите задолжително пополнуваат изјава за претходно патување во ризичните региони кои се зафатени со вирусот Ковид 19. Исто така, при влез на пациент во болницата, задолжително се врши мерење на телесна температура со бесконтактен инфраред термометар, а пред секоја амбуланта на располагање има алкохол за дезинфекција на рацете и истата задолжително треба да ја изврши секој пациент пред да влезе во амбуланта. Апелираме до пациентите кои имаат закажан термин преку системот „Мој Термин“, истиот да го почитуваат, како би се избегнале евентуални гужви пред амбулантите, информираат од ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ од Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива