Охрид, 7. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Дождот што интензивно врне во текот на ноќта и денеска бездруго ќе придонесе за подобрување на неповолната хидролошка ситуација во Охридскиот регион, особено кога станува збор за нискиот водостој на Охридското Езеро.
Нивото на Охридското Езеро изминатиот период варираше, но речиси константно една година под просекот, дури и под природниот минимум.
Последните мерења од УХМР покажуваат дека нивото на езерото е на кота од 693,13 метри надморска височина, што е за 15 сантиметри под просекот за октомври (693,28 м.н.в) и само три сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в).
Што се однесува на температурата на езерската вода,изнесува 18 степени целзиусови што е некаде на ниво на просекот за овој период од година или еден степен повисоко од просекот за октомври.
Состојбата со нискиот водостој трае веќе подолг период. Само во текот на минатиот месец нивото на езерото се намали за 13 сантиметри. Минатата година во ноември водостојот беше на 693,10 м.н.в, а речиси пола декември беше на еден сантиметар под минимално дозволеното ниво.
Екипата на OhridPress регистрираше дека веќе подолг период без вода се и Билјанините извори, една од најпрепознатливите локации во градот под Самуиловата тврдина. (Крај)
извор: Слободен печат/ОхридПрес фото: ОхридПрес