Охрид, 9. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денес го слават вториот ден од најголемиот празник Велигден.
Воскресението Христово завчера на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква. Голем број верници ги посетија црквите низ Охрид, запалија свеќи и се помолија за добро здравје, среќа и благосостојба во домот и на своите најблиски.
Христовото Воскресение Велигден се смета за најголем христијански празник, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.
Овој празник е спој на верата и традицијата, негувана од памтивек, а почнува на Велики четврток кога, пред изгрејсонце, домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца.
Вториот ден Велигден е прогласен за државен празник и е неработен за сите граѓани во Република Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес