ноември 24, 2017

Охрид, 24. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охрид и Струга ќе бидат домаќини на следната конференција на заинтересираните страни за управување со Дримскиот басен, во ноември следната година.

Ова беше најавено 14-от состанок на Дрим Кор групата што денес завршува во Подгорица, Црна Гора.

На состанокот беше презентиран Годишниот извештај за работата, како и работниот план за следната година. Според Дејан Пановски, координатор на ГЕФ Дримскиот проект, всушност се работи за процес, кој е во сопственост и во интерес на државите кои го сочинуваат басенот.

– Сега е фаза на прекугранична анализа, на изготвување студии, на координација за размена на податоци помеѓу научните институции, на воспоставување соработка на хидроенергетските компании. Од 2018 година влегуваме во изработка на Акциониот план и приоритетите, вели Пановски.

Инаку, на 5-та Конференција на заинтересираните страни за управување со Дримскиот Басен пред учесниците за првпат, беа презентирани изготвените тематски студии (социоекономија, институционална поставеност, биодиверзитет, хидрологија и инфо мониторинг систем) кои се основа на прекуграничната дијагностичка анализа.

Podgorica1

Акцентот на годинашната конференција која се одвиваше во неколку сесии, беше ставен на политичката и деловната рамка за управување со Дримскиот басен, преглед на активностите и резултатите, можноста за прекугранични анализи и следење на состојбите во басенот, потоа управување со ризиците од поплави, превенција и предупредување.

Директорката на Управата за животна средина при македонското министерство за животна средина,Билјана Зефиќ, потенцира дека како држава сме вклучени во сите фази од процесот уште од почетокот во 2006 година и ја повтори нашата понатамошна поддршка кон имплементацијата на GEF и UNDP проектот и целокупниот Дримски процес. Таа уште еднаш ја повтори поддршката од македонска страна за сливот на Дрим и за езерата, Охридско, Преспанско и Скадарско, како контрибутори во сливот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука