Охрид, 30. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – И Охрид ќе се приклучи во одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот.
Настанот ќе се одржи во недела, 1-ви април од 11:00 часот во големата сала на општина Охрид, во организација на Здружението „Нефрон“ од Скопје.
Годинашната тема по повод Светскиот ден е „Бубрезите и женското здравје“. По тој повод, свое обраќање ќе има др. Василије Томаноски, како и претставници на „Нефрон“.
Светскиот ден на бубрегот/World Kidney Day е најодбележуван настан во светот кој се фокусира на здравјето на бубрезите. Хроничната бубрежна болест е значаен светски јавно-здравствен проблем. Истата зафаќа околу 195 милиони жени ширум светот и е 8-ма водечка причина за смртност кај жените, годишно околу 600 000 смртни случаи.
Ризикот од развој на болеста е поденаков кај мажите и кај жените, според некои истражувања кај жените може да биде и поголем. Сепак во светски рамки бројот на жени на дијализа е помал од бројот на мажи. Трансплантацијата на бубрег е исто така нееднакво застапена кај двата пола главно поради социјални, културни и психолошки аспекти,па жените почесто ги донираат бубрезите а имаат помалку шанси да ги добијат.
Според податоците во Македонија има околку 1600 пациенти со краен стадиум на хронична бубрежна болест, кои се лекуваат со некој од тераписките модалитети: дијализа или транспантација на бубрег. Од нив 1350 се пациенти на дијализа, а околу 250 лица имаат трансплантиран бубрег.
Навремената дијагноза е клучна! Затоа, од особена важност е да ја подигнеме свесноста кај населението за хроничната бубрежна болест, навремените и редовни прегледи и избегнување на ризиците може да ја спречат и забават прогресијата на хроничната бубрежна болест, чиј краен стадиум бара неопходно лекување со дијализа или транплантација. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива