Охрид, 15. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – И годинава Охрид дел од акцијата „Генералка викенд“.
Компанијата „Man and mountain“, а со поддршка на пивара Скопје, Пакомак и Нула Отпад веќе четврта година ја организираа оваа масовна акција. Целта е подигнување на еколошката свест за одговорност кон животната средина и природата.
Оваа година ќе се чисти во сите 81 општина и во националните паркови Шар Планина и Галичица.
Повеќе од 16.000 волонтери од над 200 организации, граѓански, спортски и пензионерски здруженија и од повеќе од 300 образовни институции се очекува да излезат и да чистат на над 300 локации.
Во Охрид покрај комуналното претпријатие, ќе бидат вклучени и ученици од основните училишта, а може да се приклучат и сите заинтересирани граѓани.
За секои 10 кг собран отпад, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со Националните шуми посветуваат по 1 дрво во нивните годишни планови за пошумување. Од 2022 година поради „Генералка викенд“ беа засадени повеќе од 100.000 дрвја. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива