Скопје, 25. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Ние сме во полоша состојба отколку што беше Македонија во рамките на Југославија, затоа што јас навистина сметам дека македонските комунисти, барем во последните 10 години, беа повеќе Македонци од оваа денешна влада, вели поранешниот премиер и лидер на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Господине Георгиевски, на последните предвремени парламентарни избори не освоивте ниту еден мандат. Зошто идеологијата која ја нудевте не беше доволна за освојување на тие 50 илјади гласови што ги посакувавте?
Мислам дека има една единствена причина, тоа е медиумската цензура на ВМРО-Народна партија. Јас ќе ве потсетам дека во 2006 нашата партија имаше над 100 илјади гласа и потоа перманентно бевме трета политичка партија во македонскиот политички блок, меѓутоа владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, избра еден стил кој очигледно им носи резултати. Ние сме комплетно изолирани од сите провладини македонски медиуми и кога немате збор, кога немате што да кажете, очигледно и дека луѓето не можат да ве слушнат, тоа е едната причина. Втората причина, тоа се манипулациите околу самите избори, значи под манипулации подразбирам од непринципиелни притисоци, непринципиелни плаќања на луѓето, па до фалсификати на самите изборни места и кутии.
Од изборите, опозицијата го бојкотира Парламентот има ли простор за договор и излез од политичката криза?
Јас сметам дека принципиелно добро е што главната опозициона партија настапи радикално, затоа што дефинитивно во Македонија нешто мора да се смени, значи нивната битка е битка и за сите помали политички партии, значи слобода на медиумите, фер, демократски избори без простор за фалсификат и манипулација. Ако успеат тоа да го изборат, јас сметам дека ќе биде голема работа. Со тоа што ние излеговме со едно соопштени со кое дадовме еден меѓу простор и јас сметам дека таа првична позиција за комплетно техничка влада може да се ублажи со министри експерти на главните три или четири министерски места, со тоа да се даде простор и на владата да направи еден чекор, меѓутоа и опозицијата да направи чекор. Другите четири точки ги поддржуваме и сметаме дека исто така треба да се исполнат, притоа сметаме дека главниот проблем доаѓа од петата точка за техничката влада, односно кој ќе ги спроведува изборите.
Има ли волја кај власта за договор?
Не, очигледно не. Мислам дека власта и тоа е многу индикативно, затоа што власта, ние гледаме да речеме и кај соседите, еве последен пример е и во соседна Бугарија, тие два пати направија техничка влада за да имаат фер и демократски избори. Во принцип, што е стравот од техничка влада? Не гледам страв од техничка влада ако некоја партија на власт смета да има фер и демократски избори во Македонија и дотолку повеќе што од тоа зависи иднината на Македонија и на нејзиниот евро-атлантски пат.
Сакате да кажете дека власта не сака фер и демократски избори?
Па има многу индикации, дури можат да кажам дека власта е дефинирана по тоа прашање. Ние сме сведоци на многу избори. Еве проблемот со медиумите, каде што има една апсолутна контрола на медиумите, проблемот со притисоците што се случуваат перманентно на самите избори, па дури и сите овие афери каде што има многу сериозни индикации дека се работи за директни фалсификати на процесите на изборите. Да речеме класичен пример на она што ни го прават нам е поништување на изборни ливчиња. Вие ако ги видите поништените избирачки ливчиња, ќе видите дека 85 проценти стои ВМРО-Народна партија, едната партија и другата некоја друга, значи тешко ние веќе можеме да зборуваме за неписмени гласачи, можеби некој на кој му е дадено ливче, па ќе пречкрта, ќе стави уште едно, меѓутоа луѓето знаат што значи гласање и како се гласа. И како тоа 85 проценти од гласачките ливчиња да има ВМРО-Народна партија, тоа е еден корпус, најмалку уште 15 илјади гласови кои на тој начин ги елиминираат.
Во изминатиот период сведоци сме на низа протести и незадоволството на граѓаните, а власта со своето мнозинство ги протуркува измените во законите, меѓу другото и уставните без опозицијата. Што мислите за ова?
Како и да ја погледнеме оваа позиција, за нас власта се наоѓа во малку офсајд политичка ситуација без опозицијата и од друга страна нема намера да ги прави евроатланските реформи и евроатланското приближување и си измислува работа, значи практично на сите овие работи што ни се случија во последно време, дали законот за високо образование, дали уставните промени, имам чувство како да владата не знае што да прави со самата себе и еве измислува проекти заради проекти, па со тоа и се занимава, ја занимава и јавноста и медиумскиот простор му дава храна да се храни, а во суштина тоа не се некои работи кои се од суштинско значење за Македонија, тоа се да кажеме некои работи кои во тек треба да се менуваат, ако има потреба да се менуваат, затоа што имаме многу посуштински работи и многу поголеми проблеми во државата, така што сметам дека си го пополнува времето. Вие ако ги погледнете уставните промени ги видите дека тоа се уставни промени заради уставни промени, вие немате нешто суштинско, повеќе е некои интересни групи да речеме, меѓутоа нешто глобално дека тоа ќе ја подобри ситуацијата во Македонија после тие уставни промени или ќе тргнеме напред, нема материјал да зборуваме за тоа.
Власта долго време е под критики дека само што не банкротирала, но сè уште има пари за пензии, плати, допрва почнува да гради автопати. Претерани ли беа критиките дека води погрешна економска политика?
Јас исто ги делам мислењата дека се води погрешна економска политика, затоа што сметам дека сето ова што се прави, се прави врз база на задолжувања. Ако владата го заработи тоа, па го направи, тогаш е ОК, меѓутоа ние имаме ситуација кога сите овие проекти се врз база на задолжувања. Вие ако погледнете, ако не се лажам, минатата година некаде 500 – 600 милиони евра е задолжувањето на Македонија, практично тие во последните 4 години имаат некаде само врз база на буџетското задолжување, односно на буџетскиот минус по 300 милиони евра ја задолжуваат Македонија. Тоа се огромни пари кои ние еден ден мора да ги платиме. Таа пред меѓународниот банкарски круг игра лажно со она што се нарекува бруто национален доход на Република Македонија за да докаже дека не сме толку задолжени, при што прави една манипулација која сметам дека на крајот повторно ќе ја платиме, а факт е дека во индустриските зони се прави еден многу серозен процент од бруто националниот доход на Македонија, меѓутоа тој бруто национален доход си е сам за себе, ако го погледнете тој едвај има 2-3 проценти влијание врз останатата економија, има влијание до тоа што тие 100 луѓе во одредена фабрика земаат плата, а сето друго е или давачки кои ги плаќа македонската влада, сето друго е практично и минус, а статистички тоа ви го зголемува вештачки бруто националниот доход и тие го користат тоа за да земат што повеќе долгови и кредити. Ние имаме една таква ситуација кај што БДП-то ни покажува некоја стапка на пораст, а утре да ги нема странските кредитори или македонските кредитори да речат не даваме повеќе пари, ние доаѓаме во ситуација на технички банкрот. Јас велам еден циклус на задолжување на владата кон македонските банки, тие да речат дека не купуваат владини обврзници, Македонија е веќе во технички банкрот. Сметам дека оваа ќе трае додека банките даваат кредити, значи ние веќе немаме сопствен економски одржлив развој. Македонската економија веќе не може сама за себе да функционира ако не се задолжува и тука веќе прашање е само на ден кога целиот тој негативен баланс ќе мора цела Македонија да го плати, како што беше во Грција или како што беше во Кипар, што беше уште покарактеристичен процес, и она што е многу лошо, што практично банкрот на македонската влада ќе значи банкрот на македонските банки, затоа што гледаме дека сè повеќе и повеќе задолжувањето оди на македонските банки, а не кон надвор.
Во меѓувреме заостануваме во евроатланските процеси. Спорот за името останува пречка, но и реформите кои што треба да се спроведат. Гледате ли волја кај власта за нивно надминување?
Не. На почетокот навистина сметав дека се работи за некој романтизам со онаа приказна дека го бранат идентитетот од Грците, меѓутоа ако ја анализирате нивната политика во овие девет години владеење, јас барем се уверив во тоа, ќе видите дека има систем и тој систем е јасен. Тие го зголемија проблемот со Грција за барем пет пати од што беше во почетниот стадиум. Направија проблем со Бугарија, каде што немаше проблем, туку еден поддржувач го направија блокатор на нашиот пат кон ЕУ. Мултиетничката тензија со Албанците на внатрешен план постојано се одржува во, можеме да кажеме, висок напон и имаме една максимална отвореност на Македонија кон северниот сосед. Ние практично сега сме во една полоша состојба отколку што беше Македонија во рамките на Југославија, затоа што јас навистина сметам дека македонските комунисти, барем во последните 10 години, беа повеќе Македонци од оваа денешна влада и ние сега имаме една ситуација на класична југословенска политика каде што имаме конфронтација со трите соседи, а идентитетската граница со северниот сосед секојдневно се брише. Тоа најмногу се гледа во културно-музичката програма на владините медиуми. Вие имате една парадоксална ситуација, партијата која го убедува македонскиот граѓанин дека му го брани идентитетот од Грците и од Бугарите, од друга страна прави србизација на Република Македонија. Јас сметам дека во овој момент ние имаме отворено србизирање на македонскиот народ и јас сметам дека малку фали ние утре на референдум 80 проценти да гласаме за спојување со Србија. Ова е една класична југословенска политика и јас сметам дека актуелната влада очигледно е инструмент на белградската политика во Република Македонија. Долги години не сакав тоа да го изречам толку јасно, меѓутоа дефинитивно кога ќе ги поставите сите тие игри во последните години ќе видите дека тие имаат јасна цел – Македонија што подалеку од ЕУ и од НАТО, што поблиску до Србија, и најверојатно во одредена фаза и спојување со Србија.
Во јавноста во последно време бевте актуелен со добивањето на тендерот за изградба на хотел. Ја критикувате власта за антиквизација, а токму вие ќе градите во барок стил?
Јас можам да ви кажам дека оваа власт веќе девет години владее и претпоставувам дека има намера да владее и во наредните 10 години. Ако не се лажам, околу 75 проценти од економијата во Македонија ја креира владата. Политичката партија ВМРО-НП од друга страна не се финансира од никакви државни извори, дури и оние регуларни пари веќе две години не ни се исплатени, едноставно треба да се живее, така што јас можам да ви кажам дека на многу тендери досега сме се јавувале, никогаш не сме победиле, и во иднина ќе продолжиме да се јавуваме на тендери, некогаш можеби ќе добиеме, некогаш ќе бидеме исфрлени. Обично, претпоставуваме дека ќе добиваме кога нема интерес од други фирми. Инаку, се знаат играчите кои се заинтересирани и кои најмногу ги добиваат тендерите. Што се однесува до стилот на градба, повторно тоа е нешто што владата го форсира. Еве додека седиме овде, до нас ги замоливме мајсторите да не чукаат во овој момент затоа што надвор на фасадата ни ставаат барок. Јас го поставувам прашањето што треба сега да правиме. Да ја напуштиме зградата и да протестираме затоа што ни ставаат барок? Значи, ние имаме едно насилие коешто ни се наметнува во стилот во Скопје, но од друга страна фирмите треба да работат и да живеат. Во таа насока, јас навистина сметам дека ако 75 проценти од економијата во државата ја прави владата, вие тогаш вака или така сте врзани некако да си го наоѓате патот економски да ја одржувате фирмата.
Не ретко ве обвинуваат дека имате премолчан договор со премиерот Никола Груевски и со ВМРО -ДПМНЕ, а и добивањето на тендерот за хотелот се гледа низ таа призма. Како го коментирате ова?
Ние сметаме дека ВМРО-НП во последната година има најсуштинска идеолошка критика кон власта на ДПМНЕ. Нема поидеолошка критика од она што ВМРО-НП го прави кон власта на ДПМНЕ, само треба да имате интерес да ги видите нашите ставови и нашите соопштенија.
Зошто тогаш замреа вашите партиски активности, освен кога треба да искритикувате српски програми на телевизија?
Не, ние за сè и сешто ги критикуваме, за сè и сешто ги критикуваме. За економијата сме давале безброј соопштенија и ставови, и за демократската атмосфера сме давале. Нас нè нема затоа што никој не нè вика. На првиот ваш повик, ние веднаш излеговме во јавноста. Најдете таква телевизија којашто нас нè поканила, а ние не сме дале некаква изјава или не сме се појавиле. Проблемот е што ние сме игнорирани од она што се нарекува провладини медиуми во Македонија. (Крај)
извор: Радио Слободна Европа фото: архива