јули 18, 2019

Охрид, 18. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на Општина Охрид, д-р Константин Георгиевски е уверен дека до следната сесија во февруари Охридскиот регион ќе ја надмине опасноста да биде ставен на листата на загрозено светско природно и културно наследство и најавува уривање на дивоградбите, но и ревизија на регистарот со дивоградби.

Тој се’ уште нема одговор колку дивоградби во заштитените зони треба да се урнат, колку од нив се во процес на легализација, ниту има јасна слика за кои од нив ќе одлучува општината, а за кои Министерството за животна средина со чие мислење може да се легализира бесправна градба во заштитено подрачје.

Во разговор за „Слободен печат“ тој меѓудругото најавува и дека градежната инспекција ќе ја урне пицеријата „Луна“ која бесправно ја изгради советникот од ДУИ, Нефи Усеини веднаш до чинарот, но не го коментира однесувањето на локалните моќници.

– Во врска со угостителскиот објект „Луна“, градежниот инспектор има направено записник и решение за уривање, бидејќи инвеститорот нема дозвола за градење. Со овој објект ќе се постапува согласно законските процедури за бесправно изградени објекти. Со ребалансот на Буџетот за 2019 година, што го донесе Советот на 10 јуни во програмата за уредување на градежно земјиште се предвидени 1,5 милион денари за ставката за рушење на нелегално изградени објекти. По ангажирањето на фирма за уривање општината ќе почне да постапува по изготвените решенија.

Тој напоменува дка локалната самоуправа во соработка со Владата, преку плански и стратешки пристап постепено чекор по чекор ќе ги решава сите препораки на УНЕСКО и ќе ги вложиме сите напори за поправање на грешките од минатото, направени од претходните власти.

– Целта е секако на наредната сесија конечно да биде отстранета опасноста за ставање на Охридскиот регион на листата на заштитени подрачја во опасност. Во делот на нашите обврски како општина ние веќе имаме постапено по препораката број 9 за изработка на регистар за нелегални градби, по препораката број 19 со акцијата за отстранување на палмите кои се неавтохтони и инвазивни видови и со акцијата за отстранување на рекламните билборди. Имаме активности и по препораката број 18 за регулацијата на сообраќајот во стариот дел на градот, вели Георгиески.

Додава дека во однос на исполнување на препораките од УНЕСКО ништо не може да случи преку ноќ, ниту ова ќе биде едноставен процес.

– Битката за Охрид допрва ќе се интензивира на сите полиња. Мојата посветеноста како градоначалник и на Владата е целосна и недвосмислена и сите треба да си го одработат тоа за што се одговорни, напоменува Георгиески.

Комплетното интервју ОВДЕ. (Крај)

извор: Слободен печат фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука